Вербален инцидент со Мицкоски по отворањето на македонскиот клуб во Благоевград

Вербален инцидент се случи денеска во Благоевград меѓу лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и граѓанин кој носеше звучник од кој одекнуваа патриотски песни.

Инцидентот се случи по отворањето на клубот кога гостите и домаќините се упатија кон споменикот на таткото на Гоце Делчев.

Нарекувајќи го Мицкоски предавник, граѓанинот побара од него да зборува бугарски по што насобраните граѓани почнаа да извикуваат „Македонија, Македонија“.

Од друга страна на градскиот плоштад група граѓани, предводена од бугарскиот европратеник од редовите на ВМРО-БНД, Ангел Џамбаски, провокативно скандираа кон гостите и не дозволуваа да се положат цвеќиња пред спомениците на плоштадот.

На плоштадот се скандира „Бугарите и Македонците се еден народ“, а се извикуваат и имињата на Гоце Делчев, Тодор Александров, Даме Груев, Ванчо Михајлов.

„Хероите не умираат“, извикува групата, а на плоштадот е присутна и полицијата.

Таа, од безбедносни причини, не дозволи лидерите на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, и на Левица, Димитар Апасиев, да дојдат на плоштадот, иако беше предвидено и тие да положат цвеќе пред спомениците.

Дел од гостите на отворањето на Клубот, граѓани и организатори на денешната манифестација во клубот „Никола Вапцаров“, меѓу кои и шефот на кабинет на Претседателот, Миле Бошњаковски, сепак, дојдоа на плоштадот, но цвеќињата ги положија малку подалеку од спомениците.

 

Денешното отворање на клубот се одржува со засилено полициско обезбедување и голем медиумски интерес.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.