Верона се одбрани од Аталанта, Милан ја демонтираше Болоња

216
Milan 18 July 2020. ANSA / MATTEO BAZZI

Во последниот натпревар од саботната програма на 34-то коло во италијанската Серија А, Милан на својот „Сан Сиро“ со 5:1 ја потопи екипата на Болоња.

Милан поведе во 10 минута со голо на белгискиот интернационалец Алексис Салемакерс, а во 24 минута водството го удвои Хакан Чалханоглу, по големата грешка на гостинскиот голман Лукаш Скопруски, кој ја дегажираше топката точно во нозете на Турчинот. Гостите во 44 минута успеаја да намалат со голот на Такехиро Томијасу, но веќе на почетокот од второто полувреме во 49 минута Исмаил Бенасер повторно ги донесе „Росонерите“ на два гола разлика. Анте Ребиќ во 57 минута го зголеми водството на Милан, а конечните 5:1 во втората минута од судиското продолжение ги постави Давиде Калабрија.

Салемакерс со овој погодок стана вториот белгиски играч во историјата на Милан кој постигнал погодок во италијанското првенство. Првиот Белгиец стрелец во „црно-црвениот“ дрес бепе Ерик Геретс во 1983 година.

Милан со оваа победа ја продолжи низата од осум натпревари без пораз, во кои оствари шест победи. Со таквиот скор успеа да дојде привремено на шестото место со 56 бодови. Болоња, пак, ја продолжи серијата од четири кола без победа, забележа два пораза и две ремија, и остана на 43 бодови на 10-то место.

Фудбалерите на Аталанта ја испуштија можноста во саботата да се вратат на второто место во Серија А откако во првиот натпревар од 34-то коло на италиканскот првенство одиграа 1:1 на гостувањето кај Верона. Аталанта поведе во 50 минута кога Дуван Запата ја искористи грешката на Рахмани, а на 1:1 израмни Матео Песина во 60 минута од мечот.

Аталанта сега е трета со 71 бод, како и второпласираниот Интер кој во недела гостува кај Рома, додека водечкиот Јувентус кој во понеделник ќе го пречека четвртиот Лацио кој е два бода зад тимот од Бергамо има 77 бодови. Верона е деветта со 45 бодови.

Калјари и Сасуоло, исто така, одиграа без победник со идентичен резултат 1:1. Гостите поведоа во 13 минута со голот на Франческо Капуто, додека домашните израмија во 64 минута, по убавата комбинација на Мерко Рог и Жоао Педро кој погоди од десетина метри.

Калјари остана на 11-то место со 42 бода, додека Сасуоло моментално е осми со 48 бодови.

Во недела на распоредот се натпреварите Парма – Сампдорија, Бреша – СПАЛ, Фиорентина – Торино, Џенова – Лече, Наполи – Удинезе и Рома – Интер, а колото го затвора дербито Јувентус – Лацио.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.