Ѕверот е уште жив: Комунизмот можеби е мртов, но не доволно во Македонија

Во Македонија, сиве години на независност, животната енергија на демократијата и политиката не се црпи од вистината, туку од вешто спакуваните и исфабрикувани лаги. Да бидам политички коректен – невистини. Мислам дека денес, како никогаш досега, власта се надмина во лажење на електоратот, поточно граѓаните. Ако се следи патот на лагата на оваа влада, ќе ве одведе до Европската Унија. Поточно, до датумот за преговори од минатата година, кој сè уште чекаме да го добиеме оваа година. Или некоја наредна.

Оваа власт на ремонтирани комунисти низ владеење базирано на лаги, страв и квази идеологија за националните интереси, го ревитализира, возобнови и консолидира моделот на владеење од минатото, обландирано во нова демократска рува. Различни елементи на комунистичката идеологија, како што се еднаквоста, солидарноста или социјалната правда, што ги промовира оваа власт низ без содржинската парола „едно општество за сите“, заведоа многумина, потврдувајќи дека носталгијата за комунизмот е сè уште жива кај нас. Гледам освестувањето доаѓа отпосле. Малку премногу доцна. Откако ја изгубивме државата. Онаа од деведесетите.

Зашто не сум изненаден за леснотијата со која оваа власт го предаде сонот за македонска држава. Па погледајте кој ни ја води државата. Тоа се политичари, мутанти на поранешната комунистичка елита, кои никогаш не се дистанцираа од комунистичкото минато на своите ментори. Затоа не смогнаа храброст да ја подржат резолуцијата на парламентарното собрание на Советот на Европа за осуда на „злосторствата на тоталитарните комунистички режими“, поврзувајќи ги со нацизмот. Можеби се препознаа во делот на Резолуцијата каде Советот на Европа се пожали дека комунистичките партии сè уште се „легални и активни во некои земји“. Останаа тивки и без став во Стразбург. И тие ќе зборуваат за заробена држава. Комунисти да зборуваат за заробена држава. Гротеска. Празна реторика на заробени умови.

Се обидувам да го разберам некрититичкиот либерален триумфализам на оваа власт. Тие да ти биле носители на триумфот на силите на демократијата, плурализмот и отвореноста. Тие што останаа заробни во идеолошката матрица на еден репресивен режим на минатото. Тие што одбија и одбиваат да го затворат процесот на декомунизација на македонското општество. Тие што дозволија да живееме во човечка депонија од минатото и кои не смогнаа сили да ја дезинфицираат реата што ја шири човечкиот отпад од тоа време, кој го загади демократскиот амбиент во државава. Како што не смогнаа сила да го решат загадувањето во државава. Несомнено тоа е природниот амбиентот во кој само тие можат да егзистираат. Се надевам дека се свесни по што ќе ги паметат генерациите по нас. По „нивните историски одлуки“. Со кои не самоукинаа како народ и држава. Со кои се обидуваат да ја избришат нашата колективна меморија за историјата и корените на нашето постоење.

Сега гледам колку сум бил наивен кога сум верувал дека Македонија низ процесот на декомунизација и лустрацијата како негов предуслов, ќе се поврзe со минатото, онака како тоа го бара современата историја. Дека низ овој процес ќе се демократизирала историјата. Се сеќава веќе некој на лустрацијата? Гледам никој веќе не ја спомнува. Особено не власта која се колнеше дека согласно правото ќе ја испорача правдата во општеството (сфатена во поширока смисла). Поточно го испорача нивното поимање на правда во која нема место за репресираните во комунизмот. Јадни ние. Бугарија да не потсетува на потребата од лустрација и рехабилитација за жртвите на југословенскиот комунистички репресивен режим. Некој мора кога ние молчиме.

Како никаде во Европа овој процес не бил толку сатанизиран како во Македонија. Зошто? Можеби некој имал нешто да скрие. Или, стварно лустрацијата била средство за одмазда на претходната власт со опозицијата! Прашања кои бараат одговор и кои очекував оваа власт која се декларира за демократска ќе ги отвори и ќе ни понуди соодветен одговор. Дали оваа или некоја друга власт еднаш ќе мора да го затвори ова поглавје од нашата историја за да може да одиме напред. Порано или подоцна оние што ги кршеле човековите права ќе мора да се соочат со казната. Онаа најблагата – изолирање од демократскиот процес, или онаа посериозната – кривичната. Само за кратко ѕирнавме во грдото лице на транзицијата, ги видовме архитектите на злото кои не’ држат во заложништво на минатото сиве години на државност. Ги видовме оние што го креирале системот на подаништво како ментална матрица на Mакедонецот. Кој денеска блеска како никогаш досега.

Затоа еве му шанса на Премиерот да „блесне“ уште еднаш ако сака итно да ја заштити демократијата од „кварните“ луѓе на комунизмот и транзицијата и да го проветри минатото, а богами и сегашноста од опасноста од рециклирање на тоталитарната свест. Сакам да ја видам демократијата на Премиерот во акција. Зашто не сакам веќе да бидам заложник на некои болни политички сценарија, фингирани вистини и шаховски партии со човечки судбини. Не сакам да бидам предмет на политички заговори и субјект на идеолошка пара полициска обработка. Дојдено е време како општество да се соочиме со вистината. И тоа онаа соголената. Претходната власт не успеа. Дали ќе успее оваа? Предизвикот е фрлен.

Автор: професор Звонимир Јанкуловски за НетПрес

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.