Верски заедници во Македонија: Заеднички против предлог-законот за абортус

93

Верските заедници денеска преку заедничко соопштение го изразуваат својот став за Предлог-законот за прекинување на бременоста, тема за која, како што посочуваат, не им било дозволено да учествуваат на јавната расправа што се одржа во Собранието.

Заеднички став е дека предложеното законско решение за прекинување на бременоста го прекршува основното право на живот на нероденото дете и го легализира свесното одземање на невин живот, се наведува во соопштението потпишано од поглаварите на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, Католичката црква, Евангелско-Методистичката врква и Исламската верска заедница во земјава.

Посочуваат дека расправата што ја одржа собраниската комисија за здравство на 4 март годинава беше „забранета за претставници на црквите и верските заедници, со што кон нив беше извршена груба дискриминација, како и флагрантно кршење на основните слободи и права на човекот и граѓанинот, предвидени со член 16 од Уставот каде се гарантира слобода на уверување и мисла и јавно изразување на мислата“.

Изговорот на претседателот на комисијата, искажан пред присутните претставници на граѓанските здруженија и организации во нашата држава, кои своето постоење го темелат на одбраната на човековите слободи и права (што во конкретниот случај не го покажаа и докажаа) – дека ова попречување е врз основа на амандман од македонскиот Устав според кој нашата држава е секуларна, е несериозен, затоа што свештените лица не бараа пристап до собраниската расправа за да се молат и да се клањаат, туку да земат активно учество во граѓанска дискусија што се однесува на закон што ќе биде задолжителен за сите. Спречувањето на нивното присуство само јасно укажува на формалноста на јавната расправа, и тоа во ситуација кога одлуката е веќе донесена, без разлика колку и да се цврсти аргументите кои ѝ се спротивставени, се вели во заедничкото соопштение.

Во овој контекст, потсетуваат дека претставниците на црквите и верските заедници со собраниска одлука се дел од Националниот совет за интеграции.

 Тоа е во функција на засилување на активностите и одговорностите на сите надлежни државни и на другите органи и институции во обезбедувањето заедничка согласност и координирано дејствување во процесот на добивање членство на нашата држава во Европската унија, нешто што воопшто не е побарано од црквите и верските заедници, а кое за собраниските предлагачи очигледно не било во судир со уставната секуларност на државата, забележуваат во заедничкото соопштение Македонската православна црква – Охридска архиепископија, Католичката црква, Евангелско-Методистичката врква и Исламската верска заедница.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.