Верстапен се надева дека ќе остане уште 15 години во Ф1

Пилотот на Ред Бул, Макс Верстапен откри дека се надева дека ќе вози во Формула 1 и по 15 години, кога ќе наполни 36 години. Макс е еден од најголемите таленти во првенството и доста комплетен натпреварувач за својата возраст.

– Сега сум на 21 година. Се надевам дека ќе останам во Формула 1 уште 15 години, сè додека не наполнам 36 години. Треба да се напомене дека започнав на 17 години, што е малку порано од вообичаеното. Претпоставувам дека ќе биде важно колку сте конкурентни на 36 години и дали возите добар автомобил, способен да се бори за подиуми и победи. Очигледно, не би возел одзади. Ако сум освоил титули, победи, кога сум на 36, нема да останам, за да возам последен, откри Макс за списанието „Мотоспорт“.

Според експертите, Верстапен има шанса да стане најмладиот шампион во Формула 1. Овој рекорд го држи пилотот на Ферари, Себастијан Фетел, чија прва титула дојде на возраст од 23 години и 134 дена.