Верушевски го амнестира Мијалков, го обвини Груевски

183

„Главните виновници за прислушувањето се екс-премиерот Никола Груевски и екс- агентите на УБК, Горан Грујовски и Никола Бошковски“, рече во денешното сведочење екс-разузнавачот Зоран Верушевски.

Тој во случајот „Таргет – Тврдина“ за време на прашањата на обвинителката Ленче Ристовска, рече дека пребеганиот во Унгарија, Груевски имал патолошка желба да остане на власт и го прекршил секој закон, ја злоупотребил секоја безбедносна институција во земјава и ги прислушувал граѓаните и опозицијата.

„Основните документи за прислушување се во рацете на тројцата избегани кои имале монопол на целиот процес на илегално прислушување. Досието што лидерот на СДСМ го доставил во СЈО се само мал дел од прислушуваните материјали кои ги имале тогаш Никола Груевски, Горан Грујовски и Никола Бошковски. Поголемиот дел од материјалите се во рацете на бегалецот во Унгарија и двајцата пребегани во Грција. Што содржат тие, само Господ знае“-изјави Зоран Верушевски, поранешен директор на УБК.

Како поранешен одговорен за безбедноста во времето на СДСМ, Верушевски рече дека на лидерот на тогашната опозиција, Зоран Заев, прислушуваните материјали му ги обезбедил во електронска форма, без да спомне во каков уред биле тие материјали. Тој на излегување од судот не сакаше да даде повеќе информации за јавноста.

Другиот обвинет за случајот, Сашо Мијалков молчи како пред судот така и пред камерите. А екс министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, рече дека одлуката е во рацете на судот.

Во овој предмет кој СЈО го отвори во 2016 година, не е обвинет Никола Груевски. Меѓу обвинетите се екс началникот на петата управа во МВР, Горан Грујовски и агентот на УБК, Никола Бошковски кои при обид за бегство беа уапсени во Грција и за нив е отворена постапка за екстрадиција.

Според обвинението, преку три системи за следење на комуникациите во УБК помеѓу 2008 и 2015 незаконски биле прислушувани 4.286 телефонски броеви. Прислушувања се направени пред да се издаде судска наредба и по истекување на таквите наредби за следење на комуникациите на 1.541 броеви при што нелегално биле прислушувани над 20 илјади разговори на граѓаните. Следното рочиште за случајот „Таргет – Тврдина“ е закажано за 24 октомври каде се очекува исказ во својство на сведок да даде премиерот Зоран Заев.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.