Верушевски се подновил со луксузен стан од 165.000 евра во комплексот на Енвер Малиќи

Септември 2019 година. Додека нацијата е во грч дали Македонија ќе добие датум за преговори во октомври, Зоран Верушевски е растрчан. Но, не за да добие информации за ставот на Париз за датумот кој неговиот шеф Заев го чека како жеден човек вода во пустина, туку за негови приватни обврски.

На стартот на есента, Верушевски ја финиширал постапката за купување на луксузен стан во комплексот Парк Резиденс во срцето на Градскиот Парк во Скопје. Станот има прекрасен поглед на кејот на реката Вардар, со 139 метри квадратни површина, и луксузно опремен со најмодерен мебел. Преддоговорот помеѓу Зоран Верушевски и Друштвото за градежништво, трговија и услуги ИММОРЕКС МАКЕДОНИЈА, на Енвер Малиќи, е склучен на 26 септември, годинава, кај нотар во центарот на Скопје. Малиќи му го продава комплетно опремениот стан на Верушевски по цена од 165.200 евра, или по 1.188 евра по метар квадратен. За ваква премиум локација и целосно опремен стан Верушевски, сепак очигледно добил премиум попуст од заменик градоначалник на Скопје, Енвер Малиќи.

За да ги обезбеди средствата за да го плати станот, Верушевски подига кредит од една македонска банка, се работи за Шпаркасе Банка. Со оглед на висината на трансакцијата, фактот што купувачот е носител на јавна функција и претходното сомнително финансиско минато на сопствениците на луксузниот комплекс, банката решава оваа зделка да ја пријави како сомнителна до Управата за финансиско разузнавање. Освен погоренаведените причини, за банката и за Управата е сомнителен и самиот Енвер Малиќи, како лице кое е член на управниот одбор на Меѓународниот Сојуз на Боки 13 од случајот Рекет. Токму затоа, после долго размислување директорот на УФР, Блажо Трендафилов, решава на средината на месец ноември да го испрати целиот предмет кој го води како сомнителна трансакција до ЈО за организиран криминал кај Вилма Рускоска за дополнителни проверки, меѓу кои и за случајот РЕКЕТ бидејќи и продавачот но и купувачот се блиски до обвинети и можни инволвирани носители на највисоки политички функции, кои дел од медиумите ги поврзаа со овој случај.

Дали и што од овие кулоарски муабети од Илинденска бр.2 се точни останува да покаже времето но факт е дека:

1. Зоран Верушевски додека е советник на Зоран Заев купил луксузен стан од близок човек на Заев и заменик-градоначалник на Скопје, Енвер Малиќи за 165.000 евра. Колкави му се приходите на Верушевски да си дозволи ваков луксуз останува нејасно односно за истото треба да се изјаснат ОЈО, УЈП и ДКСК.
2. Самата трансакција на средствата за банката била сомнителна и алармирана Управата за финансиско разузнавање
3. Управата за финансиско разузнавање не ја запрела постапката туку го доставила предметот до Обвинителството за гонење на организиран криминал со кое раководи Вилма Рускоска

Дали Вилма Рускоска ќе се охрабри во целост да ги провери овие наводи или како во случајот Рекет ќе ги тргне настрана од истрагата највисоките носители на државни функции останува да видиме. Во меѓувреме еве и неколку илустрации за тоа дека официјален сопственик на имотот е Зоран Верушевски, луксузната внатрешност на станот како и уживањето на Верушевски на убавото време во ексклузивните ресторани веднаш под неговиот нов стан.

 

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.