Весели: Ви благодарам за сместувањето и помошта за протераните косовски граѓани

Претседателот на Собранието на Косово, Кадри Весели, беше во посета на Скопје, каде се состана со претседателот на Собранието, Таљат Џафери, со кого разговараше за меѓудржавната соработка и за улогата на Македонија за време на интервенцијата на НАТО во Србија пред 20 години, пренесуваат косовските медиуми.

Весели преку фејсбук ѝ се заблагодари на, како што вели, Северна Македонија за вредниот придонес и отворањето на патот за соработка со силите на НАТО кои од таму влегле во Косово за да им помогнат на граѓаните Албанци.

Нашата соседна земја значително придонесе за отворање на рути за соработка за силите на НАТО кои влегоа во Косово за да им помогнат на нашите граѓани. Исто така, им се заблагодаруваме на нашите сонародници во Северна Македонија за обезбеденото сместување и помош за косовските граѓани, кои насилно беа протерани од српските вооружени сили. Никогаш нема да ја заборавиме помошта на нашите пријатели ширум светот за време на војната. Ви благодариме за цел живот, пишува Весели.