Весникот поврзуван со организацијата ФЕТО се откажа од владината субвенција

Со големо жалење ги примаме негативните реакции на Турската Амбасада во Скопје, во однос на помошта што во рамките на сите печатени медиуми во Македонија ја доби и весникот Заман, кој веќе 25 години излегува во оваа држава, и тоа на два јазика, турски и албански, се вели во соопштението од весникот, од каде додаваат дека тврдењата на турската влада во врска со споменатиот воен удар не се прифатени од ниту еден меѓународен и независен суд, а турската влада цело време го одбива предлогот за меѓународна истрага во врска со воениот удар.

Особено сме разочарани поради лажните тврдења дека Македонската Влада со субвенцијата го поддржува тероризмот. Сметаме дека во оваа лага не веруваат ниту самите тие што ја изнесуваат. Тргнувајќи од фактот дека кон нас се врши невидена негативна кампања, во која страдаат и недолжни, весникот Заман одлучува доброволно и неповратно да се откаже од владината помош и да ги вратиме средствата, наведуваат од Заман.