Вестбрук го надмина Меџик по бројот на „трипл-дабл“ учиноци во историјата на НБА

Расел Вестбрук напиша историја во својот едвај втор натпревар со Хјустон Рокетс за време на дебитантската победа на „ракетите“ во сезоната на домашен терен против Њу Орлеанс Пеликанс – 126: 123.

Поранешниот кошаркар на Оклахома Сити Тандер го надмина Меџик Џонсон и сега е втор на листата на кошаркари со најмногу „трипл-дабл“ учиноци во историјата на НБА лигата, регистрирајќи го 139-тиот во неговата кариера. Тој одигра одлично во последната четвртина и му донесе тежок успех на тимот од Тексас над младиот тим на „пеликаните“. Суперsвездата заврши со 28 поени, 10 скокови и 13 асистенции за својот прв „трипл-дабл“ со екипата на Рокетс. Тој во последната четвртина постигна 10 поени, а при 6,1 секунди до крајот на дуелот, реализираше два клучни пенали за водство од 124:123.

– Ова е нешто што никогаш не го земам здраво за готово. Во денешно време, правењето „трипл-дабл“ не е нешто исклучително. Но, јас се чувствувам горд на тоа затоа што вложувам многу енергија, се жртвувам и правам многу за да бидам подготвен секоја вечер да играм на највисоко ниво. За мене ова е неверојатно достигнување. Никогаш не помислив дека ќе играм во НБА, па се чувствувам благословено. Никогаш немам можност да размислувам за тоа што сум постигнал, но вечерва ќе го сторам тоа – благодарен сум што можам да излезам на теренот и да бидам конкурентен, рече бекот.

Пред него на престижниот пласман е само Оскар Робертсон со 181. Инаку, за успехот, Џејмс Харден постигна 29 поени. За „пеликаните“, Брендан Инграм и Лонзо Бол се истакнаа со „дабл-дабл“ – 35 поени и 15 скока за Инграм и 15 поени и 10 асистенции за Бол – но тие се покажаа недоволни за избраниците на Алвин Гентри, кои загубија по трет пат по ред во новата кампања.

Во следните дуели, двата тима се домаќини – Хјустон ја пречекува Оклахома, додека Њу Орлеанс игра со Голден Стејт Вориорс.

Еве ги другите резултати од вечерта:

Милвоки Бакс – Мајами Хит 126: 131 по продолжение
Детроит Пистонс – Филаделфија 76-ерс 111: 117
Атланта Хокс – Орландо Меџик 103: 99
Њујорк Никс – Бостон Селтикс 95: 118
Кливленд Кавалирс – Индијана Пејсерс 110: 99
Чикаго Булс – Торонто Репторс 84: 108
Сан Антонио Спарс – Вашингтон Визардс 124: 122
Јута Џез – Сакраменто Кингс 113: 81
Феникс Сонс – Л.А. Клиперс 130: 122