Вестрбук постигна 46 поени за победата на Оклахома

Ноќта кон петокот во НБА лигата беа одиграни четири натпревари во кои победи постигнаа Оклахома Сити, Голден Стејт, Денвер и Сакраменто.

Оклахома Сити Тандерс на домашен паркет беа подобри со 121:112 од Вашингтон Визардс, што е нивна шеста последователна победа. До победата ги предводеше синоќа расположениот Расел Вестбрук со 46 кошови. Пол Џорџ додаде 18 поени, а Стивен Адамс 12 поени со 10 скокови. Тандерс имаше шут од поле 52 отсто. Кај Вашингтон најдобри беа Бредли Бил со 41 погодок и Маркјеф Морис со 20 кошови.

Голден Стејт Вориорс, исто така, пред домашна публика со 126:113 ги победија Минесота Тимберволфс, а Кевин Дјурант запиша нов „трипл-дабл“ со 28 погодоци, 11 асистенции и 10 скокови. Стеф Кари и Клеј Томпсон постигнаа по 25 кошови. Голден Стејт на мечот погодија 21 „тројка“, најмногу оваа сезона. Карл-Ентони Таунс беше најдобар стрелец кај Минесота со 31 кош и 11 скокови, а Џамал Крафорд постигна 21 поен.

Домашна победа запишаа и Денвер Нагетс кои со 130:118 ги совладаа Њујорк Никс. Гери Харис постигна 23 коша, а Треј Лилес 21 за Денвер за кои ова е десетта победа во низа над Њујорк во Денвер. Кристап Порзингис, кој се врати на теренот по еден меч пауза поради повреда на коленото, и Мајкл Бизли постигнаа по 21 поен за Никс.

Единствената победа на гости ја остварија Сакраменто Кингс кои во Мајами славеа против Хитс со 89:88, благодарејќи на забивањето на Де’Арон Фокс на три секунди пред крајот. Кингс успеаја да го надоместат заостанувањето од 12 поени во последната четвртина, кога ги надиграа Хитс со 17:4, во последните 5,46 минути и победија во Мајами првпат по 2001 година. Бади Гилд постигна 24 коша за Сакраменто, Фокс додаде 13 а Богдан Богдановиќ 11 поени. Горан Драгич беше најефикасен кај Мајами со 22 кошови, а Вејн Елингтон додаде 20 поени.