Ветеринарната комора бара строги казни за неодговорните сопственици на кучињата

По немилиот настан во Гостивар, Ветеринарната комора на Република Македонија го реафирмира својот став дека коренот на проблемот со бездомните кучиња е во неодговорното сопствеништво. Тоа треба да се идентификува и адекватно да се санкционира, за што се неопходни построги законски прописи и нивна доследна примена со строги санкции за прекршителите.

Комората подвлекува и дека досега се третираа само последиците од овој проблем и тоа палијативно и несеопфатно, а повеќето општини воопшто и не ги исполнуваат своите обврски во однос на ова прашање или постапуваат несоодветно и нецелисходно.

-Актуелната ситуација со бездомните кучиња која е резултат на многубројни општествени слабости, социо-економски, менталитетски и цивилизациски и која поради долгогодишното занемарување и маргинализирање на проблемот е крајно загрижувачка и надвор од контрола, што носи сериозни комунални, јавно-здравствени и безбедносни ризици, конечно бара ангажман на целокупната општествена заедница и преиспитување на досегашните модели и постапки. Повикуваме сите инволвирани чинители да пристапат кон сеопфатна анализа на проблемот и изнаоѓање одржливи и системски решенија, наведува Ветеринарната комора.

Комората ја поздравува владината иницијатива за законски измени со цел подобрување на состојбите во оваа сфера и вклученост на ветеринарната професија како најповикана да предложи и да спроведе најсоодветни решенија во содејство со сите заинтересирани и засегнати субјекти.

Во врска со сопствеништвото на милениците, уште еднаш потенцира дека одговорно поседување куче претставува ситуација во која сопственикот на животното ги прифаќа и извршува обврските согласно прописите (задолжително чипирање и регистрација, редовна вакцинација против беснило и третман проти ендопаразити) , како и ги обезбедува потребите на животното за соодветна исхрана, нега, однесување во околината, спречување ризици како агресија, нанесување повреди, пренесување болести.

-Во рамки на одговорното сопствеништво спаѓа и репродукцијата и со неа поврзаната потреба од стерилизација или кастрација на животното, дополнува Комората.

Воедно апелира сопствениците да ја извршат својата обврска за чипирање на милениците кое се спроведува бесплатно .

-Со полно право ќе инсистираме на санкционирање на оние сопственици кои нема да ги исполнат своите обврски, наведува Ветеринарната комора, нагласувајќи дека успешната идентификација и регистрација на домашните миленици ќе резултира со формирање опсежна база на податоци на домашни миленици и нивните сопственици што е појдовна основа за суштинско и каузално решавање на проблемот со бездомните кучиња.