Скопјани ќе плаќаат вода од 31, 53 до 34,82 денари за метар кубен, конечната одлука за цената ја носи Советот на Град Скопје

Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги донесе одлука минималната цена за вода за пиење во Скопје да изнесува 31,53 денари за метар кубен, а максималната 34,82 денари. Овој предлог е доставен до ЈП „Водовод и канализација“, кој во рамките на минималната и максималната тарифа треба да донесе своја одлука и да ја достави до Советот на Град Скопје, на одобрување, по што ќе се знае конечната цена која скопјани ќе ја плаќаат за кубик потрошена вода. Дотогаш можат да поминат пет месеци, односно најмногу 150 дена кога по одлуката на РКЕ, треба крајниот збор да го кажат советниците.

Доколку се усвои минималната тарифа, тоа ќе значи минимално намалување на цената со оглед на фактот дека постојната цена е 31,87 денари, а доколку се прифати максималната цена зголемувањето би било 9 отсто. Тоа на месечно ниво би значело зголемување од 29,5 денари, што според претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски не би требало да претставува проблем за граѓаните.

Бислимоски на денешната прес конференција говореше и за недоразбирањата кои се појавиле со ЈП „Водовод и канализација, кои, како што рече сега се надминати. Тој повторно укажа дека
Регулаторна комисија работи врз основа на барања кои ги доставуваат комуналните претпријатија, а потоа РКЕ, согласно методологијата, ги определува цените.

-Најголем дел од претпријатијата поднеле барања поради тоа што имаат зголемени трошоци за електрична енергија и во најголем дел од нивните барања кога ги правеле пресметките ја земале во предвид цената на електрична енергија на берзата. Во изминатиот период имаме цена на електрична енергија кај овие јавни претпријатија која ја обезбедува ЕСМ Продажба и изнесува 95 евра за мегават час, што придонесе да се среди ситуацијата кај комуналните јавни претпријатија имајќи предвид дека месеците август и септември беа критични кај нив. Имаше претпријатија кои беа на слободниот пазар и нивните месечни трошоци за електрична енергија беа поголеми од вкупните приходи коишто би ги остварило едно претпријатие – рече Бислимоски.

Тој нагласи дека во целиот тој период РКЕ била иницијатор овие претпријатија да добијат цена на струја која би влијаела на нивната ликвидност. Всушност, според него, најголем проблем на сите комунални претпријатија е трошокот за струја, но не може да се донесе одлука за драстично зголемување на цената, затоа што тоа, од друга страна, би предизвикало намалување на процентот на наплата. Некои претпријатија размислуваат трошоците за струја да ги намалат со поставување фотоволтаици.

-Разговаравме со некои комунални претпријатија, како и со „Водовод и канализација“ кои се заинтересирани со поставување фотоволтаици да си ги намалат трошоците, но има некои проблеми при нивното регистрирање во Централен регистер, затоа што покрај својата дејност водоснабдување треба да додадат и производство на струја. Има одредени законски проблеми, па се обидуваме сите да го надминеме тој проблем. Кај општините го надминавме, таков пример е Центар, има најави и од Радовиш – рече Бислимоски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.