Вице Заев: Објавените разговори се лаги од трети лица

Вице Заев, братот на лидерот на СДСМ Зоран Заев, во допис до медиумите вели дека објавените разговори се лаги од трети лица кои нема да ги попречат да даваат плати и да плаќаат даноци.

„Објавените рекла-казала лаги од трети лица нема да ги попречат Заеви да даваат плати и да плаќаат даноци. Целосно ги отфрлам како лаги и манипулации објавените рекла-казала муабети во кои трети лица го спомнуваат моето име. Тоа се очајни лаги произлезени од фејкњуз подрумите на опозицијата. Заеви се чесни и вредни Македонци. Режимските инсталации нема да не спречат да продолжиме да даваме плати, да плаќаме даноци и да ги помагаме македонските граѓани“, се вели во рекцијата на Вице Заев.

Тој реагира на аудиснимката којашто претходно во саботата беше објавена и на нов Јутјуб канал, насловен како „Вице мафијашот“. Разговорот во кој се слушаат две лица е именуван како „Вице даде зелено светло да запалам коли“.

Според тврдењата на каналот станува збор за разговор меѓу активист на владејачката СДСМ од Битола и бизнисмен поврзан во партијата кој добила бизниси во комбинатот РЕК Битола, во кој се споменуваат и активности за ослободување лица од притвор, како и давање „зелено светло“ за трговии со медицинска марихуана итн.