Вице Заев влегува во производство на електрична енергија

Вице Заев, братот на поранешниот премиер Зоран Заев, стана управител на новоформирана компанија за производство на електрична енергија регистрирана изминатиот период – Солар Грин Енерџи, објавува проталот „Фактор“, пренесув НетПрес.

Според текстот, претпријатието е со адреса на улица „Гоце Делчев“ во Струмица, а сопственик е Панче Заев, таткото на Вице Заев и на поранешниот премиер Зоран Заев. Паричниот влог е 5.000 евра, а дејноста е „производство на електрична енергија“.

Не е познато кои извори за производство на електрична енергија ќе ги користат таткото и братот на Зоран Заев. Поранешниот премиер досега единствено има потврдено дека „Тотал Енерџи“, фирмата чиј сопственик е неговиот 18-годишен син Душко Заев ќе продава струја произведена од фотонапонски панели.

„Добродојдена е секоја нова инвестиција во нашата земја, посебна инвестиција во енергетика затоа што имаме дефицит на енергија како држава. Фирмата е на син ми. Станува збор за планирање за инвестирање во фотона централа (сончеви колектори) во струмичката котлина на површина од пет декари и моќност од 470 киловати. Како семејство планираме инвестиции и во фотонапонски централи и користење на сончевата светлина покрај редовните дејства што ги работиме. Произведената електрична енергија лесно може да се продаде на која било од десетте трговски компании кои откупуваат електрична енергија во Северна Македонија“, изјави во меѓувреме Заев за ИРЛ.

„Тотал Енерџи“ беше основана во февруари од Душко Заев, а за „Солар Грин Енерџи“ може да каже дека е втора фирма во потесното семејство на Зоран Заев во бизнисот со електрична енергија.

Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) годинава издаде лиценци на компании за капацитет од 63,5 мегавати од фотоволтаици и од 6,5 мегавати од мали хидроелектрани и бележи се поголем интерес за вакви инвестиции со појавата на енергетската криза. РКЕ очекува до крајот на годината да има над 100 мегавати новозиградени обновливи извори на енергија со лиценците што се веќе издадени или се во постапка на издавање. РКЕ има доставено 134 лиценци за производство на електрична енергија од фотоволтаици или мали хидроелектрани. Во последниот месец неделно добиваат околу 30 до 40 барања за одобрување лиценца.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.