Вицегувернерката Митреска вели нема одржлив и инклузивен економски раст без родова еднаквост

„Не може да се зборува за одржлив и инклузивен раст без родова еднаквост. Концептот на еднакви можности и еднакви шанси е единствениот начин да се искористи целосниот економски потенцијал на една земја. Сепак, само половината од женското работоспособно население во светот се активни, за разлика од машкото население каде што активноста е околу 75%. Нееднаквоста се огледа и преку пристапот до финансиите, кредитирањето и сопствеништвото на фирми од страна на жените. Постојат повеќе иницијативи, вклучително и од страна на Народната банка, за промена на овие состојби во интерес и на родовата еднаквост и за развој на економиите“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за ТВ-магазинот „Приказна“.

Светскиот економски форум изготвува посебен глобален индекс на родова еднаквост, а последните резултати покажуваат дека само 68% од родовиот јаз се затворени и дека со ова темпо на промени, ќе ни требаат уште 136 години за целосно затворање на јазот. Податоците за  нашата земја се малку подобри, 75% од јазот е затворен, но очигледна е потребата за подобрување, имајќи предвид дека од 156 земји во светот, ние сме на 73. место. Од друга страна, индексот за економското учество и за економските можности е многу послаб и покажува дека само 58% од јазот во светот се затворени. Со други зборови, финансиската слобода за жените е многу помала, поради слабото учество во вкупната работна сила, помалото учество на високи и раководни позиции и во приватниот и во јавниот сектор, јазот во платите и слично.

„Во овој контекст, за одржлив раст е потребен и инклузивен финансиски систем, којшто обезбедува финансиски услуги за што поголем број индивидуи, вклучително и за жените“. Податоците на Светската банка покажуваат дека кај нас 80% од жените имаат сметка, наспроти 90% кај мажите. Во Европа не постои разлика помеѓу машката и женската популација во овој дел. Нешто помали се разликите во однос на користењето кредити и во однос на штедењето. Жените може да се споредуваат со мажите дури и во делот на дигиталната финансиска писменост и однесување. Иако родовиот јаз во делот на финансиската писменост и финансиската вклученост не е толку голем, сепак постои простор за подобрување“, вели Митреска.