6.8 C
Skopje
петок, март 29, 2024

ВИДЕО| 60 години од катастрофалната поплава во Скопје

Пред 60 години, на 16 ноември во 1962 година, Скопје го зафати катастрофална поплава.

Седумстотини и триесет кубици истекувале од главниот испусен тунел во хидроцентралата Матка, а преку 70 кубни метри вода во секунда ги преплавувале ѕидиштата на браната. Водата и натаму растела и само за 15 минути е забележан пораст од 4 сантиметри. Машинската хала на централата била поплавена, турбогенераторите исклучени, целото езеро Матка било полно со трупци дрвја.

Езерото почнало да надоаѓа точно во 11:55 часот, односно тогаш ја поминало браната. Во 13:00 часот се прелило во машинското одделение, го однело бетонскиот и камен потпирач пред централата како да е сламка, насипот се растопил.

 

Во текот на целиот ден и претходната ноќ, на подрачјето на Скопската околија дошло до силни врнежи, што предизвикале големи поплави во Скопје, Петровец, Ѓорче Петров. Најмногу настрадале подрачјата на општина Идадија, кај градскиот парк, околината на улица Илинденска, околу главната пошта и градскиот плоштад. Во градот биле загрозени куќите по должината на улица „Цветан Димов“, поради излив на реката Серава.

Некаде околу 16:00 часот сите училишта биле распуштени. Оние ученици кои живееле блиску, биле пречекани од родителите на училишната врата, но имало деца кои живееле далеку и не можеле да си одат дома поради водата.

На новиот бетонски мост, поради силните дождови, работите биле прекинати. Но работниците не ги напуштиле своите места и заедно со стручњаците, уште од три часот изутрината, со долги железни шипки ги отстранувале големите трупци што ги носеле опасните брзаци на Вардар. Овој мост требало да биде пуштен во употреба на 29 ноември 1962 година. Кај овој мост хидрометеоролошката служба поставила водомер. Во 14:30 часот, тука бил забележан водостој за осум сантиметри повисок во споредба со 5 ноември 1937 година, кога нивото на водата било за 260 см над нормалата, односно 330 см.

Особено биле загрозени пешачките дрвени мостови: кај Народниот театар и мостот што се наоѓа меѓу новиот бетонски и железничкиот. Поради нивната нестабилност под притисок на надојдените води, на 16 ноември претпладнето на нив бил забранет печашкиот сообраќај.

Железничкиот мост кај Воена болница бил забранет за сите возови, а движењето по Железничкиот мост кај Ѓорче Петров било дозволено со пет километри. Само еден мост на Вардар бил сигурен – Камениот мост.

Штабот за елементарни непогоди веднаш презел мерки, загрозените семејства од подрачјето на Идадија и Кисела Вода да бидат сместени во основното училиште „Кочо Рацин“, а загрозените семејства од Кале и Саат Кула, во Здравствениот дом на овие општини. Во овие два пункта во градот, биле сместени и сите загубени деца.

Вардар се излеал на „Илинденска“, на плоштадот „Маршал Тито“, во Градскиот парк, кај стадионот, и секаде каде заштитните насипи биле најниски. Многу визби се наполниле со вода, а повремено делови на градот останувале без струја.

Водата ги поплавила тесните и длабоки простории на манастирот Св. Андреја, и сè во ресторанот крај езерото Матка, било под вода.

Во Скопје урнати биле 1.050 куќи, 157 згради под вода, 4.445 граѓани без покрив, во Петровечко поплавени близу 4.000 хектари плодна земја. Водената стихија урнала три моста во Скопје и три во Ѓорче Петров. Во Охрид, биле урнати од поплавата 36 куќи, оштетени – 57, а во 56 куќи не можело да се влезе затоа што во нив два дена по поплавата имало кал и вода.

Во голем број градови извршена била општа мобилизација на населението, на припадниците на ЈНА и Народната милиција, а биле ангажирани сите можни превозни средства. Стоковната куќа „Скопје“ ја пријавила првата материјална штета од 300 милиони динари. Се претпоставувало дека вкупната штета од поплавата е преку 10 милијарди динари.

Канализационата и водоводната мрежа биле тешко оштетени, уништена била пумпната станица кај Рашче и онаа кај Козле. Сарај бил комплетно уништен, до него не можело да се пријде.

Се појавувале подземни води кои избивале и на оддалечени места од Вардар, како на пример кај Железничката станица. Зградата на Народниот театар во Скопје била оштетена, посебно електричните инсталации, механизмот за ротирање на сцената и кулисите.

Во Зоолошката градина во Скопје загинале само околу 20 отсто од животните, а останатите се спасиле, меѓу кои: лавовите, мајмуните, слонот, нилскиот коњ, тигарот и тигрестиот питон.

Уште првиот ден по поплавата, свои екипи од војници и пожарникари, испратиле Ниш, Лесковац, Сурдулица, Урошевац, Косовска Митровица, Белград, Призрен и други…

Поплавата беше вовед за новата катастрофа која следната година во погоди Скопје, катастрофалниот земјотрес кој се случи на 26 јули 1963 година.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.