ВИДЕО| Абу Даби: Леклерк најбрз на вториот тренинг, Саинц заврши во оградата

Монегашкиот возач Шарл Леклер во болидот на Ферари постигна најдобро време (1:24.809 минути) на вториот официјален тренинг одржан во петокот, два дена пред последната трка од годинешното Светско првенство во класата Формула 1, на патеката во Абу Даби.

Тренингот го одбележа незгодата на тимскиот колега на Леклер, Шпанецот Карлос Саинц Јуниор, кој изгуби контрола над своето Ферари, излета на патеката и заврши во заштитната шина. Иако автомобилот претрпе значителна штета, шпанскиот возач остана неповреден.

Најблиску до најбрзиот круг на Леклерк беше Британецот Ландо Норис во Мекларен (1:24.852), а трет (1:24.982) беше новиот и стариот светски шампион Холанѓанецот Макс Верстапен од тимот на Ред Бул.

Меѓу најбрзите пет се најдоа Финецот Валтери Ботас во Алфа Ромео (1:25.024) и Мексиканецот Серхио Перез во Ред Бул (1:25.112), а најбрзиот од првиот тренинг, Британецот Џорџ Расел во Мерцедес го заврши вториот тренинг во шесто место (1:25.122).

Покрај Карлос Саинц Јуниор, тренингот заврши со излет и за Германецот Нико Хулкенберг од тимот на Хаас, кој исто така помина неповреден.

В сабота, по третиот тренинг (11:30 часот) е закажана квалификациската сесија (15 часот) за неделната трка која ќе започне во 14 часот по средноевропско време.

Пред последната трка речиси сѐ е решено. Холанѓанецот Макс Верстапен (Ред Бул) веќе ја обезбеди третата последователна титула светски шампион во конкуренција на возачи (549 поени) со дури 18 победи. Неговиот тимски колега, Мексиканецот Серхио Перез, ќе заврши на второто место (273 поени), а третото место го обезбеди седумкратниот светски шампион Британецот Луис Хамилтон (Мерцедес) со 232.

Ред Бул со 20 победи на 21 трка досега одамна ја обезбеди титулата во екипна конкуренција, а пред последното натпреварување австрискиот тим има 822 бода. Останува единствената неизвесност во борбата за второто место, во која Мерцедес (392) во финалната трка влегува со четири бода повеќе од Ферари (388).