(ВИДЕО) Алиоски доби шанса во завршницата, ама Лестер го ратсури Лидс

Марсело Биелса сигурно нема да биде задоволен од изданието на неговиот тим против Лестер, натпревар кој Лидс Јунајтед го започна со класичен подарок за гостите, а го заврши со фудбалски дебакл на теренот.

„Лисиците“ од „Кинг Пауер“ знаеја како да ја искористат големата грешка на Кох уште во втората минута, по која Барнс лесно ја затресе празната мрежа по додавањето на Џејми Варди. Катастрофалниот старт за домаќините им влеа дополнителна самодоверба на гостите кои пристигнаа на „Еланд Роуд“ со победа над Арсенал, па до крајот на првиот дел, Тилеманс зголеми на 0:2.

Биелса направи прва измена уште на стартот на вториот дел и го внесе во игра Поведа, а тоа на почетокот навистина позитивно влијаеше, бидејќи Далас намали на 1:2, а Пабло Ернандез ја погоди гредата и за малку не донесе експресно израмнување.

Неискористената шанса на Шпанецот на крајот се покажа како пресуден момент, бидејќи Варди во 76-та минута повторно донесе комотно водство за гостите, а во 91-та минута Тилеманс од пенал ги постави конечните 1:4.

Македонскиот репрезентативец Џани Алиоски ги одигра последните 10-тина минути од мечот, бидејќи шанса од Биелса доби само во завршницата на местото на стрелецот Далас.

Со новите три бода, Лестер изби на второто место на табелата во Премиер лигата, додека Лидс сега е 12-ти во поредокот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.