ВИДЕО: Америка и Трамп добија жешка дипломатска шлаканица во Обединетите нации, дури и Македонија им го сврте грбот

Генералното собрание на Обединетите нации изгласа резолуција со која се осудува одлуката на САД и Доналд Трамп за признавање на Ерусалим како главен град на Израел. Резолуцијата помина со убедливо мнозинство.

Дури 128 земји дадоа поддршка. Само девет земји, меѓу кои и САД и Израел, гласаа против. Воздржани останаа 35 држави. Присутните, по гласањето, со аплауз го поздравија усвојувањето на резолуцијата.

Со ова Генералното собрание на Обединетите нации им сврте грб на Доналд Трамп и САД, пишува британскиот весник „Гардијан, пренесува НетПрес.

Од балканските земји Америка и Трамп не добија поддршка од Македонија, Албанија, Бугарија, Грција, Црна Гора, Србија, Словенија и од Турција, додека Босна и Херцеговина, Хрватска и Романија, беа воздржани.

Инаку, на гласањето му претходеа отворени жестоки закани, како од претседателот на САД, така и од американскиот амбасадор во ОН, Ники Хели, невообичаени за дипломатијата и за Обединетите нации.

Таа најави дека Вашингтон ќе запомни кои земји „не ја почитуваат“ Америка со гласањето за поддршка на разолуцијата.

Но, и покрај заканите дури 128 членови гласаа во корист на резолуцијата за поддржување на долгогодишниот меѓународен консензус дека статусот на Ерусалим – кој за главен град си го присвојуваат и Израелците и Палестинците – може да се реши само како договорено прашање во мировен договор.

Меѓу земјите кои гласаа за резолуцијата има и големи приматели на парична помош од САД, како што се Египет, Авганистан и Ирак.

Иако во голема мера симболично, гласањето во итната сесија на светското тело, деновиве беше во фокусот на јавноста пред се’ и поради фуриозна дипломатија од страна на администрацијата на Трамп, но и на Израел. Сепак симболичното гласање се претвори во отворен мегдан за мерење на силите и моќта. Тоа јасно се виде и од изјавата на американскиот претседател Трамп, кој јавно се закани дека ќе ги скрати парите кои од САД ги добиваат земјите што ќе гласаат против Вашингтон.

Но, и покрај тоа, само девет држави – вклучувајќи ги и САД и Израел – се изјаснија против резолуцијата. Вашингтон го поддржаа само Того, Микронезија, Науру, Палау, Маршалски Острови, Гватемала и Хондурас.

Што се однесува, пак, на државите членки на Европската Унија, блокот кој е традиционален сојузник на САД, дваесет и две од 28-те земји-членки гласаа за резолуцијата, вклучувајќи ги Велика Британија и Франција. И Германија, која во минатото постојано се воздржуваше од мерките што се однесуваат на Израел, исто така, гласаше за резолуцијата

Меѓу 35-те земји кои се воздржаа од гласање, има пет членки на ЕУ, но и други, исто така традиционални сојузници на САД – Австралија и Канада. Воздржани останаа и Колумбија и Мексико.

Амбасадорите од неколку земји, вклучувајќи го и Мексико, кои се воздржаа од гласањето, го искористија своето време на говорницата за да го критикуваат едностраниот потег на американскиот претседател Трамп.

Останатите 21 воздржани, укажаа дека заканата на претседателот на САД во врска со намалувањето на финансиите, какои и израелското дипломатско лобирање, можно е сепак да имаат некаков ефект.

И додека поддршката за резолуцијата беше нешто помала отколку што палестинските официјални претставници се надеваа, сепак оскудните резултати од само девет гласови за поддршка на американската и израелската позиција беа сериозен дипломатски удар за Трамп.

Веднаш по гласањето, палестинскиот претседател Махмуд Абас го опиша резултатот како „победа за Палестина“. Претставникот на Палестинците во Обединетите Нации, Ријад Мансур, го оцени резултатот како „масовен неуспех“ за САД, пишува „Гардијан“.

И постојаните членки на Советот за Безбендост на ОН, Русија и Кина, гласаа за резолуцијата, односно застанаа против САД. Америка на гласањето поддршка не доби ниту од Индија.

Оттука се отвора прашањето дали Вашингтон ја губи својата огромна моќ и влијание во светот, и приматот го преземаат Москва и Пекинг?