Андоновски: Изјавата на Закаријаш е понижување од најдрзок вид, а нема ни протестна нота од Македонија

Страшен скандал ја тресе европската интеграција на Македонија. Како резултат на коленичењето на Зоран Заев пред соседите, прифаќајќи секакви условувања, Македонија е и блокирана на евроинтегративниот пат, и национално понижена пред целокупната европска јавност, реагира Стефан Андоновски од ВМРО-ДПМНЕ.

Тој рече дека во видеото јасно се гледа дека државната секретарка за европски прашања на Португалија, Ана Паула Закаријаш зборува за македонскиот јазик како дел од бугарскиот, нарекувајќи го „северномакедонски“.

– Северномакедонскиот јазик некогаш бил дел од бугарскиот јазик“. Ова е точната фраза што ја искористила оваа политичарка пред бугарските медиуми. Ова ли е заштитата на македонскиот јазик и идентитет за кој зборува Зоран Заев последните две години. Овие ли се „бетонираните“ позиции? Сега веќе секому е јасно дека на Македонија и се случува класична распродажба на сите национални интереси и обележја. А виновникот е Зоран Заев – рече Андоновски.

Партијата прашува дали ставот дека македонскиот јазик е северномакедонски е дел од португалскиот предлог кој Заев го прифаќа?

– Дали португалскиот механизам кој беше целосно прифатлив за Заев значи дека владата се обврзала да прифати срамна парадигма – дека македонскиот јазик бил некогаш дел од бугарскиот јазик? Дали португалскиот предлог кој е одличен за Заев вклучува и став дека во ЕУ не се внесуваат билатерални недоразбирања, и тие треба да бидат решени пред нова земја да се приклучи на Унијата? Дали со однесувањето на Заев сега цела Европска унија останува на страната на Бугарија? Дали се случува она за кое предупредувавме – дека постојат земји од ЕУ кои тивко ја поддржуваат Бугарија? Едноставно, дали за Заев и македонскиот јазик стана северномакедонски? Исто како што тоа сака да и го направи на Фудбалската федерација на Македонија… Ова претставува досега неповторен скандал за македонската дипломатија. Понижување од најдрзок вид. И никој од власта не реагира на срамните негаторски изјави за македонскиот јазик. Нема протестна нота од Бујар Османи, нема реакција кон амбасадата на Португалија, нема одбрана на македонските национални интереси, нема ниту изјава за заштита на било која од социјалните мрежи. Целосен молк – нагласува Андоновски.

Андоновски потсети дека на овие проблеми предупредувале веќе три години.

-Македонскиот јазик и народ се под силен удар. А тоа е резултат на распродажбата на македонскиот идентитет од лекомислени политичари кои најмногу се занимаваат со полнење на сопствените џебови. Одговорност за понижувањето на македонскиот јазик мора да има – рече Андоновски.