(Видео) Апасиев: СДСМ може, ама нема да бара инпичмент за Иванов

Законот за јазици нема да дојде до Уставен суд, бидејќи не е потпишан од претседателот Ѓорѓе Иванов, а сферите во кои се користи албанскиот јазик се дефинирани со Уставот и не смее да се дозволи Законот за јазиците да ги надмине тие рамки, рече професорот Димитар Апасиев во вечерашната емисија „Само Вистина“ на Канал 5.

Професорот со факти повеќе пати прикажа во кои аспекти Законот ги надминува рамките на уставот. Според Апасиев, во Уставот се опфатени пет сфери за употреба на албанскиот јазик. Во Законот од 2011 година, за кој рече дека исто така е противуставен, употребата била проширена за 20 сфери, а со најновиот Закон се проширува за уште 20.

-Уставот дефинира во кои сфери треба да биде употребен албанскиот јазик. Албанскиот јазик се употребува во органи на државната власт. Пожарникарите државна власт ли се? Здравството државна власт ли е? Поштенските марки државна власт ли се? Уплатниците, фискалните сметки тоа не е државна власт. Власт е се знае- Собрание носител на централната власт. Законот ги надминува уставните граници кои ги дава уставотворецот во Амандманот 5. Тоа се пет сфери. Не може вие сега да го ништите уставот. Има уставно дефинирани основи- вели Апасиев.

 

Тој уште еднаш истакна дека во овој момент Законот за двојазичност не може да се толкува во Уставниот суд, бидејќи се уште не е потпишан од претседателот Иванов.

-Прво, законот нема да стигне до Уставен суд, веројатно. Бидејќи претседателот на Републиката одбива да го потпише, тоа е ситуација во која нема правен лек против такво нешто бидејќи имаме уставна празнина. Односно не постои рок во кој што по втор пат тој мора да го потпише законот и ние до сега сме имале такви ситуации во нашата уставно правна историја- вели Апасиев.

Според Апасиев, мудар е потегот на Иванов да не го потпише Законот, но и кога истиот би стигнал до Уставниот Суд тој би имал две основи по кои што може да се спори.

-Првата е формално правната основа, односно фактот што при носење на законот има флагрантно кршење на деловникот и процедурата. Втората е материјално правна основа каде што имаме веќе навлегување во мериторно одлучување за уставност или неуставност на Законот. Законот во ваква лимбо ситуација не може ни да стигне до Уставен Суд бидејќи нема Закон- заклучи Апасиев.

Апасиев повторно констатираше дека Талат Џафери не може да го замени потписот на Иванов, бидејќи Уставниот суд веќе еднаш го има толкувано ваквото постапување како против уставен чин.

-Невозможно е претседателот на Собранието да го потпише, впрочем до сега имало само еден таков безуспешен обид кога Тито Петковски во 1997 година го потпишува тогашниот закон за симболите и Уставниот суд со одлука го укинува тој Закон поради процедурални потреби. Нашиот Устав предвидува само четри случаи во кои што претседателот на Собранието може да го замени Претседателот на Републиката. Тоа е во случај на смрт на претседателот, во случај на трајна спреченост да ја врши функцијата до избор на нов претседател, во случај на оставка и во случај на импичмент- вели Апасиев.

Според него, СДСМ ги има потребните пратеници за да покрене постапка за импичмент и таа треба да заврши со утврдување на одговорност, но знаејќи како го прошверцува Законот за јазици, СДСМ нема тоа да го направи.