ВИДЕО| Бајден по пристигнувањето во Британија ѝ порача на Русија дека не сака судир

Американскиот претседател Џо Бајден по пристигнувањето во Милденхол во Англија во средата вечерта изјави дека САД не сакаат конфликт со Русија, но дека ќе одговорат на „силен и смислен“ начин на „сите штетни активности“ кои ќе ги преземеруската влада.

Џо Бајден е на почетокот од својата осумдневна турнеја по Европа, коај вклучува самит на групата земји од Г7, самитот на НАТО, присуство на самитот на Европската унија и, конечно, средбата со рускиот претседател Владимир Путин. Веднаш по стапнувањето на Стариот континент, првпат како американски претседател, Бајден изјави дека во текот на разговорите ќе ја истакне цврстата приврзаност на САД кон трансатлантското сојузништво.

„Не сакаме судир со Русија“, рече амерканскиот претседател во својот говор пред американските војници и припадници на нивните семејства во воената база Милденхол во Сафолк.

„Сакаме стабилни и предвидливи односи…, но јасно кажав дека Соединетите држави ќе одговорат на силен и смислен начин доколку руската влада се вклучи во штетни активности“, истакна Бајден.