(ВИДЕО) Балерините пред Париската опера протестираа поради пензиските реформи

Балерините во своите препознатливи костими танцуваа во вторникот пред Париската опера сцени од „Лебедовото езеро“ во знак на протест против плановите на францускиот претседател Емануел Макрон да го укине нивното право на бенефициран работен стаж.

Во музичка придружба на Парискиот симфониски оркестар, танчарките изведоа точка во траење од 20 минути пред стотици гледачи. Зад нив беше поставен транспарент со натписот „Културата е во опасност“.

Балетските уметници и танчари од Париската опера имаат посебни права коишто потекнуваат уште од XVII век, вклучително и правото на целосна пензија на 42-годишна возраст, две децении пред просечниот работник. Но сега би можеле да останат без оваа повластица, доколку претседателот Емануел Макрон ја спроведе својата планирана реформа на сложениот пензиски систем.

„Со класичен танц започнуваме да се занимаваме на возраст од осум години. До доцната тинејџерска возраст имаме повеќе повреди. Кога ќе наполните 42 години, веќе патите од артритис, стрес на фрактурите, хернија и во некои случаи имате вештачки колкови. Тешко е да се одржува извонредноста до 42-та, а до 64-та се чини невозможно“, вели за Reuters балерината Елоас Жоквил.

Танчарите од 5-ти декември штрајкуваат заедно со службениците во јавниот сектор, вклучително и актерите од државниот театар „Комеди Франсез“. Откажани се десетици претстави. Париската опера загубила речиси 8 милиони евра поради непродадените влезници.

Макрон и неговата влада и покрај масовните протести кои траат од почетокот на месецов не сакаат да попуштат, но на почетокот од јануари ќе ги продолжат преговорите со синдикатите.