(ВИДЕО) Барселона со три хеликоптери пристигна на осминафиналниот меч во Купот на Шпанија

Откако во неделата во Ријад го победија Реал Мадрид со 3-1 и го освоија првиот трофеј сезонава, фудбалерите на Барселона немаа многу време за одмор по враќањето во Каталонија, бидејќи ги чекаше уште едно гостување, овој пат на северот на Африка во рамки на осминафиналето на Купот на Шпанија.

Противник на Барселона беше третолигашот Сеута од истоимениот град на северот на Африка. Сеута е „автономен шпански град“, со површина од 18.5 километри и нешто повеќе од 85.000 жители, кој политички ѝ припаѓа на Шпанија, а географски е на територијата на Мароко.

Барселона на пат тргна ден пред натпреварот. Бидејќи Сеута нема аеродром кој може да прими големи авиони, каталонскиот клуб прво со авион пристигна во Малага, а потоа преку Гибралтарскиот теснец прелета со хеликоптери. Делегацијата на Барселона беше распоредена во три хеликоптери од марката „Аугуста Вестланд 139“ од кои секој чини 12 милиони евра и има капацитет за 15 патници.

Доаѓањето на шпанскиот фудбалски гигант беше голем празник за жителите на Сеута, а на хелиодромот фудбалерите на Барселона беа пречекани од стотици навивачи и покрај силното обезбедување.

Натпреварот на резултатски план не донесе изненадување и Барселона со убедливи 5-0 обезбеди пласман во четвртфиналето, со головите на Рафиња (41 минута), Роберт Левандовски (50, 90), Ансу Фати (71) и Франк Кеси (77).

Пласман во четвртфиналето обезбеди и Реал Мадрид, триумфирајќи на гостински терен над Виљареал со 3-2.