(ВИДЕО) Без Меси, без Суарез, но и без проблеми со Гризман: Барса 5 – Бетис 2

Без повредените Лионел Меси и Луис Суарез, и со Иван Ракитиќ на клупата за резерви а за кој се шпекулира дека минува во Јувентус, фудбалерите на Барселона по стартниот пораз кај Атлетик Билбао од 0:1, во неделата вечерта на својот „Камп Ноу“ со 5:2 го совладаа Бетис, со блескавата партија на новото засилување Антоан Гризман.

Мечот, исто така, ќе остане во паметење поради убавите седум голови и отворената игра од двете страни, како и по настапот на Ансумане Фати кој дебитираше во дресот на Барселона во второто полувреме со 16 години и 298 дена. Само 20-ина дена помлад бил дефанзивецот Винсенте Мартинез Алама, кој со 16 години и 280 дена дебитирал во дресот на Барса уште во 1941 година.

Бетис поведе во 15 минута преку Набил Фекир, кој беше проигран од Лорен Морон, а Барселона успеа до крајот на првото полувреме да израмни благодарејќи на Антоан Гризман кој во 41 минута летна по топката со која Серхи Роберто ја исфрли комплетната одбрана на гостите и со левата нога од полуволеј го постигна својот прв официјален погодок во дресот на Каталонците.

На самиот почеток од второто полувреме повторно на сцена е тандемот Роберто – Гризман. Првиот додаде прецизно до Французинот кој од работ на шеснаесетникот откосо од десната страна со лева нога извонредно прецизно биеше во спротивниот агол на голот на Бетис. Веќе во 56 минута Барса доаѓа до сигурно водство, откако Карлес Перез убаво искористи повратна топка од Семедо. И за овој 21-годишник ова беше дебитантски гол за „Каталонската гордост“. А веќе во 60 минута за Барселона погоди и Жорди Алба, откако беше убаво проигран од Бускетс по левата страна. Резервистот Артуро Видал во 77 минута реализираше одлична акција на домашните, откако Перез ја додаде топката до Гризман, а овој ја продолжи в десно до Видал кој ја закова под пречката. Голеадата ја завршија гостите, во 79 минута Лорен Морон му одзема топка на Де Јонг на 30 метри од голот, кусо ја пушти пред себе и бише неодбранливо во десниот горен агол.

Претходно во неделата гостински победи со по 1:0 остварија Атлетико Мадри, кај Леганес, и Реал Сосиедад кај Мајорка, додека Алавес и Еспањол ремизираа без погодоци.

 

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.