(ВИДЕО) Безредија ширум Шпанија поради рестриктивните мерки

Во повеќе градови ширум Шпанија во текот на ноќта кон саботата и во текот на денот избувнаа насилни судири меѓу полицијата и демонстрантите против новите рестрикции воведени поради епидемијата на коронавирусот, известуваат медиумите.

Безредија имало во Барселона, Билбао, Сантандер, Валенсија и Леон. Според медиумските извештаи, 29 полицајци и седум демонстранти се посериозно повредени, додека приведени се 32 лица.

Шпанските власти обвинуваат дека се чини оти во многу случаи насилството го поттикнале крајдно десни групаци поврзани со навивачките групи на фудбалските клубови.

Дневниот весник La Vanguardia и државната телевизија RTVE објавија дека стотици луѓе „се бореле“ со полицајците во Барселона до доцна во ноќта. На полицајците фрлале цигли, палеле контејнери за ѓубре и ограбиле неколку продавници а притоа уапсени се 12 лица. Полицијата за насилствата ги обвини членовите на навивачката група „Boixos Nois“ (Луди момци) на фудбалскиот клуб Барселона.

Слични инциденти се случиле и во други градови. Во Вилафранка дел Пенедес во Каталонија околу 120 млади луѓе повикувале на „ослободување“ од рестрикциите и се обиделе да се пробијат во зградата на градскиот совет, пренесува La Vanguardia.

Шпанија е една од најпогодени земји во Европа во пандемијата на коронавирусот. Парламентот, во кој мнозинството го има левицата, во четвртокот одобри продолжување на вонредната состојба во земјата до 9-ти мај. Повеќе региони се затворени за излез и за влез од и во нив. Жителите на Каталонија во текот на викендот не смеат да ги напуштаат ниту своите градови. Многу градови, вклучително и Барселона, воведоа полициски час во текот на ноќта. Училиштата и детските градинки сѐ уште се отворени, но рестораните, театрите, кината и вежбалниците се затворени.