ВИДЕО| Британскиот премиер под критики откако праша бездомник дали е деловен човек

Британскиот премиер Риши Сунак се најде во саботата на удар на жестоки критики откако праша бездомник дали е деловен човек и дали сака да работи во финансискиот сектор.

Сунак, поранешен банкар во „Goldman Sachs“ и еден од најбогатите Британци, во петокот служеше оброци во центар за згрижување бездомници во Лондон каде што позборувал со маж кој се претставил само како Дин.

„Дали сте деловен човек?“, го прашал премиерот Сунак мажот додека му додавал чинија со колбаси, тост и јајца. „Не, јаси бездомник“, одговорил човекот.

Анџела Рајнер, заменичка на претседателот на опозициската Лабуристичка партија објави видео од разговорот на Twitter, нарекувајќи го „болно“, а друг лабуристички пратеник Бил Естерсон за Сунак рече дека „не е во контакт со стварноста“.

Кога во октомври дојде на позицијата премиер на Велика Британија, Сунак стана најбогатиот станар во историјата на адресата „Даунинг стрит 10“, премиерската резиденција, во моментите кога земјата се соочува со остриот раст на животните трошоци.

Непријатниот разговор започнал кога бездомникот го запрашал Сунак „дали работи нешта за да се реши кризата?“.

Кога рекол дека го интересираат претприемништвото и финансиите, Сунак рекол дека тој самиот се занимавал со финансии, па прашал „дели е тоа нешто со што би сакале да се занимавате?“.

„Да, би сакал. Но, не знам, прво морам да го преживеам Божик“, одговорил бездомникот Дин.