(ВИДЕО) Бродот на Тито „Галеб“ оди во бродоградилиште, ќе стане музеј

Некогаш репрезентативниот брод „Галеб“, на кој претседателот на Југославија Јосип Броз Тито примал високи гости и со кој пловел во посети на друг земји, беше одвлечен денес од „Далмонт“, бродоградилиште во Краљевица, во Хрватска, во блиското риечко бродоградилиште „Виктор Ленац“.

Агенцијата ХИНА јави дека во бродоградилиштето ќе се исчисти подводниот дел од бродот, ќе се испушти останатата течност од резервоарите и ќе се отстрани нивниот талог.

Потоа ќе се заменат челичните плочи на надворешната обвивка на бродот, ќе се исчистат осовинските водови и оската на кормилото, ќе се демонтираат и средат сидрата, ќе се заштитат од корозија и ќе се извршат уште некои нужни работи.

Во краљевичкото бродоградилиште „Далмонт“ почна преуредувањето на „Галеб“ во музеј.

Досега се извршени работите на санацијата на структурата на бродот, остранувањето на азбестната изолација, демонтирана е дрвената палуба, дел од бродската опрема е поправен, а дел предаден на Музејот на градот Риека за реставрација.

Обновата е пренаменувањето на „Галеб“ во брод-музеј е дел од проектот за кој градот Риека доби 9,16 милиони евра од Европскиот фонд за регионален развој.

Тито бродот го користеше од 1948 до својата смрт од 1980 година, а по распадот на Југославија „Галеб“ стана сопственост на Црна Гора.

Потоа му беше продаден на еден грчки бизнисмен, но остана врзан во бродоградилиштето „Виктор Ленац“ кај Риека, а потоа преместен на риечката рива.

Хрватските власти решија бродот да се зачува и да стане музеј, но во 2008 година делумно потона поради протекување на трупот.

Потоа „Галеб“ во 2009 година ѝ беше продаден на Риека за 150.000 американски долари. Од тогаш повремено беше користен за уметнички изложби и конференции.

Градоначалникот на Риека во 2014 објави дека „Галеб“ ќе биде изнајмен, делумно како музеј чии главни атракции се Титовата кабина и машинската сала, а делумно за комерцијални активности – ресторан и бар.

Потоа Риека како годинешна Европска престолнина на културата ги доби првите 4,5 милиони евра за поправка на бродот. Откако беа набавени и остатокот од парите, се очекува поправката на „Галеб“ да заврши оваа година и тој конечно да стане брод-музеј.