(ВИДЕО) Четири жртви и 145 исчезнати во земјотресот на Тајван

Спасувачките служби продолжуваат во средата да ги пребаруваат урнатите згради во потрага по 145 исчезнати по земјотресот со магнитуда од 6,4 степени во кој ноќта кон средата во тајванското летувалиште Хуалиен загинаа најмалку четири лица.

Локалните власти објавија дека во земјотресот кој го погоди градот на источниот брег на Тајван околу полноќ по локално време се повредени 225 лица. Според последните податоци, 145 лица се сметаат за исчезнати, а за многу од нива се верува дека се наоѓаат под оштетените или урнати згради, меѓу кои е и воена болница. Меѓу урнатите згради е и хотелот „Marshal“, во кој исто така има заробени луѓе.

Земјотресот оштетил важен автопат и владата веднаш започнала со негови поправки Уште четири згради, од кои два се хотели, исто така, се накосиле поради потресот. Два моста во градот се напукнати или повеќе не можат да се користат.

Хуалиен е популарно туристичко место на источниот тајвански брег, со население од околу 100.000 луѓе.