ВИДЕО: Девет килограми албанска марихуана запленети во полициска акција

Девет килограми марихуана со потекло од Албанија и еден килограм хашиш со висок квалитет се запленети во најновото продолжение на полициската акција „Мрежа“, информираше денеска Министерството за внатрешни работи.

Дрогата, според полицијата, била наменета за продажба надвор од Македонија.

Акција, според информацијата од МВР, почнала во средата попладне по добиени информации за активности на нарко дилери во близина на Кванташкиот пазар во Маџари

„Полициски службеници од Секторот за недозволена трговија извршија преглед на лицето А.А.(1966) од Ресен и ТМВ марка мерцедес спринтер 311 охридски регистерски ознаки, управувано од истиот. При вршењето на прегледот, кај лицето е пронајдено едно тврдо парче од пресувана непозната растителна материја–кафеава боја со неутврдена количина, додека при прегледот на ТМВ марка „Mercedes–Sprinter 311 CDI“, пронајдено е едно полиетиленско пакување исполнето со растителна материја–зелена боја –марихуана“, се вели во соопштението од МВР.

Останатите осум пакувања марихуана се пронајдени во багажник од автомобил „бмв“ што полицијата го запрела вчера попладне на автопатот Скопје – Куманово во близина на патарината кај Миладиновци. Приведени се двајца скопјани кои се превезувале со автомобилот. Подоцна е уапсен и уште едно лице од Скопје.

Според полицијата, запленетата марихуана на наркопазарот би достигнала цена од 27000 евра. Досега во рамки на акцијата „Мрежа“ приведени се 60-тина дилери на наркотици, а беа запленети над 460 килограми различни видови дроги.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.