ВИДЕО| Два американски ракетни системa HIMARS уништени во Доњецк, тврди Москва

Руските воздухопловни сили уништиле два американски система за повеќекратно лансирање од типот HIMARS (MLRS) на граничните области во самопрголасената доминатно проруска источна покраина Доњецк, извести во средата на редовниот брифинг за борбените операции во последните 24 часа руското министерство за одбрана.

Украинските војски кон крајот на јуни првпат го ракетираа местото Перевалск во отцепениот доминантно рускиот и рускојазичен источен регион Луганск со новопристигнатите американски ракетни системи за повеќекратно лансирање М142 HIMARS.

Американскиот ракетен систем HIMARS со дострел од околу 80 километри беше дел од 11-от пакет воена помош на САД за Украина во војната против Русија, донесен на 1-ви јуни. Тогаш Белата куќа соопшти дека Киев се обврзал дека таквите вооружувања со долг дострел нема да ги користи за напади врз цели на руска територија, на што во Москва одговорија со неверување, па една од целите на сегашната офанзива на руските трупи во Украина е да ги потиснат украинските единици кон централниот дел од земјата и надвор од дострелот на таквите системи.

На 1-ви јули беше објавено дека САД ѝ испраќаат на Украина уште два ракетни система од типот „земја-воздух“ од моделот NASAMS, четири противартилериски радари и 150.000 парчиња артилериски муниција со калибар од 155 милиметри. Пакетот вклучува и дополнителна муниција за артилериските ракетни системи со долг дострел и висока мобилност HIMARS.

„Во областа на населбата Малотарновка во Доњецката Народна Република, со ракети со висока прецизност од воздух уништени се два повеќекратни ракетни лансери HIMARS од американско производство и две складишта за муниција за нив“, соопшти во средата руското министерство за одбрана.

Министерството објави видеоснимка за која наведе дека го прикажува ударот, а западните медиуми пренесуваат дека не можеле независно да ги потврдат нападот.

Украинскиот генералштаб подоцна во средата ги отфрли твдрењата на Русија. Во објавата на Twitter, исто така без приложување докази, се наведува дека тврдењара се „лажни“ и дека украинската страна ги користи американските HIMARS за нанесување „разорни удари“ на руските сили.

Украина од почетокот на јули добиле четири системи HIMARS, според извештајот на Европскиот совет за надворешни работи. САД ветија дека на Киев ќе испорачи уште осум до средината на јули.

Покрај тоа, руската борбена авијација погодила позиција на привремено распоредениот 22-ри моторизиран пешадиски баталјон на 92-та механизирана бригада на вооружените сили на Украина.

„Уништени се и до 100 украински националисти и четири парчиња воена опрема. Покрај тоа, уништени се и шест команди пунктови на украинската војска, позиции на кои се распоредени единици на странските платеници во регионот на Лиман во областа Николаев, шест складишта за оружје, 27 области на концентрација на жива сила на непријателот и радарска станица за наведување на противракетниот систем С-300“, наброја руското министерство за одбрана.

Според тврдењата на Москва кои не можат да се проверат од независни извори, на источната периферија на населбата Соледар, руската авијација уништила складиште со ракетно и артилериско оружје на 57-та механизирана бригада, каде биле складирани 1.500 проектили со различен калибар и повеќе од 100 противтенковски ракетни системи од странско производство.

„Оперативно-тактичката и армиска авијација, ракетните сили и артилеријата погодија позиции на жива сила и воена опрема на украинските војски во 77 области.

„Руски ловец ‘Су-35’ во текот на воздушна битка меѓу населбите Николаевка и Снегиревка собори авион ‘Су-25’ и два хеликоптери ‘Ми-24’“, додаде руското министерство за одбрана.

Според истиот извор, руските противвоздушни сили собориле изминатото деноноќие собориле хеликоптер „М-8“, 11 беспилотни летала и пресретнале девет украински балистички ракети „Точка-У“ во Доњецк, Луганск и Херсон, како и осум проектили од повеќекратни ракетни лансери во регионите на Луганск, Харкови Херсон.

 

Киев: Тешки борби во Доњецк

Руските сили силно напаѓаат потпомогнати од силен артилериски оган во големата офанзива врз одметнатиот регион Доњецк, соопштија во средата украинските функционери, откако претходните денови потврдија дека проруските сепаратисти и руските единици во моментов ја имаат контролата врз речиси целата административна област на соседниот одметнат регион Луганск.

Доњецк и Луганск ја сочинуваат историската и индустриски развиена област Донбас во источниот дел на Украина, кој пред превратот во Киев во 2014 година создаваше повеќе од половината под националниот бруто домашен производ (БДП). Сега таму се одвиваат најжестоките битки на европскиот континент по завршувањето на Втората светска војна, бидејќи Русија сака да им обезбеди на двете самопрогласени „народни републики“ целосна контрола над административните територии.

Откако руските сили во саботата вечерта ја преземаа контролата над Лисичанск, последното упориште на украинските сили во Луганск, украинските функционери велат дека сега очекуваат Русија да ги насочи своите сили кон градовите Славјанск и Краматорск во Доњецк,

„Тешки борби се водат на работ на регионот Луганск“, изјави именуваниот од Киев гувернер на регионот врз кој всушност немаше контрола Серхиј Гајдај за украинската национална телевизија тврдејќи дека руската регуларна војска и резервните сили се испратени таму во „очигледен обид да ја минат“ реката Северски Доњецк.

„Тие трпат прилично тешки загуби. Некои баталјони се таму преместени за да го надоместат бројот војници кои им е потребен… Не ги носат со себе своите ранети. Болниците се полни до точка на пукање, како и мртовечниците. Гранатирањето сѐ уште е сили во регионите Луганск и Доњецк. Гранатираат сѐ што ќе им се најде на патот“, рече Гајдај кој всушност одамна и пред почетокот на руската инвазија не е во Луганск.

Агенцијата Reuters забележува дека не можела да ги потврди тврдењата на Гајдај.

Гувернерот на регионот Доњецк, исто така именуван од Киев, Павло Кириленко, изјави дека Славјанск и блискиот Краматорск во текот на изминатата ноќ претрпеле тешко гранатирање. „Нема безбедно место од гранатирањата“, изјави.

Гувернерот на Луганск, Гајдај без докази продолжи со пропагандните обвинувања дека руските сили наводно го ограбувале Лисичанск и неговиот град близнак од другата страна на реката Северодоњецк.

„Ги ловат проукраинските жители. Се договараат со колаборационистите, ги идентификуваат становите во кои живееле војниците, провалуваат и ја земаат облеката. Сѐ се уништува. Цели збирки книги на украински се уништуваат. Ова е веќе видено во 1939 година со нацистичка Германија“, рече Гајдај.

Русија тврди дека цивилното население не ѝ е цел, како и цивилната инфраструктура. Ги повторува обвинувањата дека украинските сили, особено паравоените формации составени од приврзаниците на крајно десните и неонацистички групи прво своите позиции ги поставуваат во чувствителни цивилни објекти, како болници, детски градинки, училишта и станбени згради кои потоа ги уништуваат за да ја обвинат руската војска.

Истовремено поради континуираните засилени украински гранатирања на градовите во Доњецк и Луганск кои се под контрола на сепаратистите, а во кои секојдневно има десетина цивилни жртви, Москва последните денови ја зајакна воената реторика, а претседателот на Думата, Вјачеслав Володин ја обвини Украина дека станала „терористичка држава“.

Володин оцени дека таквите гранатирања од страна на силите лојални на властите во Киев јасно покажуваат дека тие не ги сметаат жителите на Донбас за свои сонародници и државјани на Украина.

Изјавата на претседателот на долниот дом на рускиот парламент, навестува дека Русија може да ги прошири своите декларирани воени цели и надвор од Донбас, за да ја помести во длабочина линијата од која украинските сили може да ги гаѓаат градовите во Луганск и Доњецк.

На Западот како уште еден знак дека Русија се подготвува за долга војна го сметаат тоа што Думата, според примерот на САД за воени и вонредни состојби, во првото читање мина два закона кои ќе ѝ овозможат на владата да ги обврзе компаниите да ја снабдуваат војската и дополнително ангажирање на нивните вработени.

 

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.