(Видео) Џошуа го нокаутираше Поветкин по шест загубени рунди

Британскиот боксер Ентони Џошуа ја одбрани титулата светски шампион во тешка категорија во ВБА, ИБФ, ВБО и ИБО верзиите откако го победи предизвикувачот Александар Поветкин од Русија. Џошуа славеше со нокаут во седмата рунда пред 80.000 гледачи на стадинот „Вембли“ во Лондон.

Русинот(39), за кого ова е втор пораз во кариерата и прв со нокаут одлично го почна мечот и го изненади фаворитот, па 11 години помладиот боксер веќе во првата рунда беше сериозно разнишан и се чини дека  го спаси гонгот. Поветкин најверојатно беше во бодовна предност по шестата рунда, но тогаш Џошуа го употреби своето најсилно оружје, десното кроше по кое следеа серија удари кои го пратија  предизвикувачот на патос. Тој успеа да стане, но беше јасно дека тешко ќе се спаси, па Британецот веднаш нападна и го заврши мечот.

 

https://twitter.com/twitter/statuses/1043617998672551936

За Џошуа ова беше 22 победа од исто толку борби во професионалната кариера, од кои 21 со нокаут. Русинот, кој исто како и Британецот е поранешен олимписки шампион и светски првак,  прв пат во кариерата загуби со нокаут, а поразен во 36 борби беше само уште еднаш, пред пет години во Москва, но на поени од Владимир Кличко.

 

Џошуа по мечот рече дека се надева оти во април наредната година, исто така на „Вембли“ ќе боксува со победникот од мечот меѓу светскиот шампион во ВБЦ верзијата, Американецот Деонтеј Вајлдер и поранешниот светски шампион, Британецот Тајсон Фјури. Мечот е закажан за декември годинава.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.