(ВИДЕО) Единаесетмесечно момченце најдено живо под урнатините во Русија по 35 часа

Единаесетмесечно момченце е пронајдено живо откако минало 35 часа на поларен студ под урнатините на зградата којашто делумно се урна во понеделникот поради експлозија на гас, соопштија руските власти оценувајќи дека неговото преживување претставува вистинско чудо.

Во експлозијата на гас во станбена зграда во центарот на градот Магнитогорска во рускиот регион Челјабинск рано утрото во понеделникот се урна дел од зградата од десет ката и притоа загинаа осум лица, според последните податоци на руското министерство за вонредни состојби кое во вторникот попладне објави дека е најдено телото на осмата жртва. Покрај тоа, се трага по уште 35 лица.

„Мајката на момченцето е жива. Дојде во болница и го препозна својот син“, изјавил портпаролот на министерството додавајќи дека детето се вика Вања.

Моменталната температура во индустрискиот град Махнитогорска на Урал, околу 1.700 километри источно од Москва, изнесува минус 17 Целзиусови степени, а во текот на минатата ноќ се спуштила на минус 27 степени.

На момченцето животот му го спасило тоа што било добро облечено и покриено во неговото креветче. Било во многу тешка состојба, со смрзненици и повреди на главата, и ќе биде префрлено со специјален авион на министерството за вонредни состојби во болница во Москва.

Детето било пронајдено набрзо откако спасувачите, коишто цела ноќ се обидувале да дојдат до десетиците лица под урнатините, морале во вторникот утрото привремено да ја запрат потрагата поради опасност од дополнително уривање на зградата.

„Спасувачите слушнале како некој плаче. Бебето е спасено благодарејќи на тоа што било во своето креветче замотано во топли прекривки“, изјавил Борис Дубровски, гувернер на регионот Челјабинск.

Во зградара, којашто е подигната во советскиот период во 1973 година, тешко оштетени или потполно уништени се 48 станови, а властите предупредвуаат дека и другите два дела од зградата би можеле да се урнат, па и станарите од другите домови се евакуирани. Руските безбедносни служби потврдија дека причина за експлозијата е истекување гас за домаќинствата, и отворена е истрага.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.