(ВИДЕО) Еднo лице загина и осум повредени од експлозијата во руското складиште за муниција, пожарот под контрола

Едно лице загина, а осуммина се повредени во детонациите и пожарот во складиштето за оружје во Сибир, каде со часови се слушаа силни експлозии, а илјадници луѓе беа евакуирани.

„Пожарот е целосно под контрола“, се наведува  во соопштението на руското Министерство за одбрана пренесно од агенцијата ТАСС.

Детонациите запреа пред неколку часа, додаде војската.

Експлозиите избувнаа во понеделникот во складиште за муниција во близина на градот Ачинск во провинцијата Краснојарск, околу 4.000 километри источно од Москва. Парчиња од гранати паѓале на неколку километри од магацинот, а илјадници луѓе беа евакуирани.

Според последните податоци објавени од руските власти, едно лице загина, а осуммина се здобиле со повреди со различна тежина.

Локалните власти објавија дека 9500 жители морале да бидат евакуирани во радиус од 15 километри од местото на катастрофата. Повеќе од 6000 луѓе привремено ги напуштија своите домови.

Десет авиони канадер, пет хеликоптери и повеќе од 70 деминери се испратени од руската војска.

„Веројатната причина за експлозијата е човечка грешка“, рече заменик-министерот за одбрана Дмитриј Булгаков на прес-конференција.

Експлозии во складишта за муниција се вообичаени на територијата на поранешниот Советски Сојуз, честопати предизвикани од небрежност и недоволно одржување на огромни материјали што потекнуваат од Студената војна.

Руските власти најавија отворање истрага „за прекршување на регулативата за оружје“.