ВИДЕО| ЕК ги повлекла податоците за загубите на украинската војска

Европската комисија потврди во средата дека ги отстранила податоците за загубите на украинската војска во текот на досегашната воена офанзива од Русија од видео-пораката којашто претходно од средата претпладнето ја објави нејзината претседателка Урсула фон дер Лејен, пренесуваат руските медиуми.

Претходно во средата фон дер Лејен го објави предлогот за формирање специјален кривичен суд кој ќе ги испитува наводните „руски воени злосторства во Украина“, како и идејата блокираните руски активи и имоти на Запад да бидат запленети и вложени во повоеното обновување на Украина

Меѓутоа, во истиот прилог на Twitter, како потврда на своето тврдење Урсула фон дер Лејен истакнува дека „според досегашните податоци, загинале повеќе од 20.000 цивили и повеќе 100.000 војници“. Подоцна овој дел од информацијата е целосно отстранет од нејзиното обраќање, пишува агенцијата ТАСС.

Според портпаролката на Европската комисија, Дана Спинант, во посочената објава била направена „неточност“. Појаснила дека информациите користени во изјават се засновани на „податоци од надворешни извори“, додека бројките на жртвите ги вклучувале и мртвите и ранетите. Спинант појаснила и дека тие бројки требало да ја покажат „суровоста на Русија“.

„Голема благодарност до оние кои укажаа на неточноста на бројките во претходната верзија на ова видео. Процената користена од надворешни извори требаше да се однесува на загуби, односно и убиени и ранети, и требаше да ја покаже бруталноста на Русија“, напиша Спинант на Twitter, коментирајќи го отстранувањето на информациите.

Видео-изјавата на Фон дер Лејен, која моментално е достапна на Twitter, не го содржи споменатиот дел со податоците. Во него таа информира и дека Европската комисија ја згоолемила својата процена на штетите што ги претрпела Украина од почетокот на руската инвазија од 385 милијарди на 600 милијарди евра.

„Блокиравме 300 милијарди евра резерви од Централната банка на Руската Федерација и 19 милијарди евра приватни средства на руски олигарси. На краток рок, би можеле да создадеме структура со нашите партнери за управување со овие средства, да ги инвестираме и потоа да ги искористиме приходите за Украина. Подоцна, кога ќе се откажат санкциите (т.е. средствата мора да бидат легално ослободени врз основа на сопствениот правен систем на ЕУ), овие средства мора да се искористат за целосно компензирање на загубите на Украина“, рече фон дер Лејен.

За да се легализира експропријацијата на руските средства, ЕК предлага да се создаде меѓународен суд против Русија и да се побара поддршка од Обединетите нации за неговото вооспоставување.

„Ќе работиме на меѓународен договор со нашите партнери за да го овозможиме тоа. Заедно можеме да најдеме правни начини да го направиме тоа“, рече фон дер Лајен.

„Затоа, и покрај тоа што продолжуваме со целосна поддршка на Меѓународниот кривичен суд во Хаг, предлагаме формирање на специјализиран суд поддржан од ОН за да го истражи злосторството на руската агресија. Ние сме подготвени да работиме со меѓународната заедница за да обезбедиме најширока можна меѓународна поддршка за овој специјализиран суд“, објасни таа.

Доколку е можно да се создадат правни начини за заплена на руски имот, Европската комисија има намера да ги преземе функциите за „инвестирање и управување“ со овие средства. Во октомври, говорејќи на конференцијата на донаторите на помош за Украина во Берлин, фон дер Лајен рече дека „Европската комисија би можела да го преземе товарот да работи како секретаријат за собирање и дистрибуција на меѓународна помош за Киев“.