(ВИДЕО) Експлозија во фабрика за пиротехнички средства во Турција, 150 работници затрупани под урнатините

После серијата на експлозии во фабрика за пиротехнички средства на северозападот на Турција, повеќе од 150 работници останаа заробени во рушевините. Според последните информации, најмалку 2 лица загинаа, а повредени се 74.

Гувернерот на областа, Четин Октај Кадирим за новинската агенција „Анадолија“ изјави дека екипите на итните служби веднаш се упатиле на местото на несреќата, но поради експлозиите не можеле веднаш да интервенираат.

Експлозијата се слушнала на оддалеченост од десетина километри, пренесуваат локалните медиуми.

„Дошло до експлозија во регионот Сакарја Хендек, недалеку од градот. На лице место се упатија 85 амбулантни возила и два хеликоптери“, изјави министерот за здравство Фахретин Коча и додаде дека на лице место пристигнале и голем број на пожарникари.

Некои турски медиуми пренесоа дека по експлозијата во регионот се зголемило нивото на радијација, но турските власти се огласија и ги демантираа тие тврдења.