(ВИДЕО) Ерменија го обвини Азарбејџан за напади врз цивилни населби и објави општа мобилизација

Ерменскиот премиер Никол Пашинјан прогласи воена состојба и општа мобилизација по гранатирањето во зоната на конфликтот во Нагорно- Карабах, откако претходно во неделата утрото известио дека соседен Азербејџан нападнал цивилни населби и го повика населението од спорениот регион да оди во засолништа.

Ерменското министерство за одбрана соопшти дека нивните сили собориле два азербејџански хеликоптера и тро дрона, како одговор на нападите за кои рекоа дека започнале по 4 часот по средноевропско време. Цел на нападите биле цивилни населби, вклучително и регионалниот центар Степанакерт.

„Нашиот одговор ќе биде пропорционален и военото водство на Азербејџан ја понесува целосната одговорност за ситуацијата“, се наведува во соопштението на ерменското министерство за одбрана.

Азербејџанското министерство за одбрана, пак, соопшти дека започнало воена операција по должината на „линијата на контактот“, ничија земја којашто ги раздвојува локалните сили кои ги поддржува Ерменија од азербејџанските единици во регионот, пренесуваат руските агенции. Министерството потврдило дека азербејџански хеликоптер е соборен, но дека екипажот преживеал и тврди дека ексалацијата ја започнале ерменските сили кои пукале врз цивили меѓу кои имало жртви.

Ерменскиот премиер Никол Пашинјан прогласи воена состојба и општа мобилизација по гранатирањето во зоната на конфликтот во Нагорно-Карабах. Тоа го објави самиот Пашинијан, а пораката се појави на англиски јазик на официјалниот профил на Владата на Twitter. Премиерот е цитиран со зборовите дека ова е сторено „за доброто на татковината, за победата“. Сега сите војници во Ерменија мора да се појават во нивните територијални воени комисии.

Руското Министерство за надворешни работи ги повика страните вклучени во конфликтот во Нагорно Карабах веднаш да престанат со размена на огнот и да почнат преговори за стабилизирање на ситуацијата. Министерството во соопштението посочи дека состојбата во регионот нагло се влошила.

Енклавата во која мнозински живеат Ерменци е присоединета на Азербејџан во 1921 година во Советскиот сојуз, од кога произлегуваат многу спорови меѓу денешните независни земји, како што е и оној со присоединувањето на црноморскиот полуостров Крим кој во 1954 година е одземен од Руската советска република и присоединет на Украинската советска република, а во 1990-те години од властите во Киев му беше укинат и автономниот статус. Регионот Нагорно Карабах, пак, уште во 1988 година како автономна област објави истапување од тогашната Советска азарбејџанска република и еднострано прогласи независност од Азербејџан, слично на Косово. Следеше војната од 1992 година и примирјето од 1994 година. Од тогаш се водат преговори со посредништво на меѓународни претставници од ткн Минска група на ОБСЕ, со кои копретседаваат Русија, Франција и САД.