(ВИДЕО) Филипче: Еден починат, 15 пациенти во тешка состојба, 72 новозаболени, вкупно 555 во државата

 

Почина едно лице од Куманово кое е детектирано како заболено од ковид-19 на 1 април. Тој почина во болницата „8 Септември“ во Скопје, што значи дека во последните 24 час имаме двајца починати, затоа што во текот на денот почина и маж од струшко Лабуништа на 63-годишна возраст, кој бил донесен со тешка клиничка слика на Клиниката за инфективни болести во Скопје, а имал сериозни коморбидитети, информираше министерот за здравство на денешната прес-конференција.

За 24 часа регистрирани се 72 нови случаи на коронавирус во земјата. Меѓу новозаразените е и двегодишно дете кое е во стабилна состојба.

Во моментов на Инфективната клиника се хоспитализирани 74 пациенти, 15 со тешка клиничка слика, 11 на механичка вентилација, другите пациенти се стабилни. Од Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби со два контролни негативни теста, денеска заминуваат тројца пациенти, информираше министерот.

Тој додаде дека речиси 80 отсто од заболените поминуваат со лесна клиничка слика.

Министерот реќе дека од вчера во функција е ставена и болницата „8 Септември“, која е подготвена за дијагностицирање и лекување на забоелни од ковид-19 и дека на располагање ќе бидат нови 400 болнички кревети,што ги нуди болницата. Филипче истакна дека аде ќе бидат сместени заболените, ќе се одлучува во координација со директорката на Клиниката за инфектологија.

Како нов регионален центар за справување со пандемијата ја посочи болницата во Битола каде, како што кажа минисерот, во моменотв има 35 кревети на располагање кои можат да се зголемат до 100.

Тој најави дека се во преговори и со лабораторијата на МАНУ за дијагностицирање на заболени од Ковид-19 и за користење на нивната апаратура. -Верувам дека и тие ќе бидат вклучени наскоро, рече Филипче.

– Очигледно е дека влегуваме во втората фаза на епидемијата. Утре ќе имаме дополнителна дискусија на Комисијата за превенција од ширење на заразни болести, токму за евентуално зајакнување на мерките за превенција од понатамошно ширење на вирусот. Бројот на заболените дополнително ќе расте. На крајот на април очекуваме 2.000 пациенти. Ги повикувам граѓаните да ги сведат физичките контакти на минимум. Еден од главните проблеми е што има и асомптоматски носители на вирусот – е пораката на министерот до граѓаните.

Тој упати и порака до своите колеги лекари и до сите здравствени работници:

– Максимално почитувајте ги протоколите, штитете се на, но и надвор од работните места, затоа што од здравјето на здравствените работници зависи и здравјето на нацијата, а со тоа ќе превенираме епидемија од поголеми размери.