Многу енергија, насмеани и љубезни готвачи, пријатна арома и вкусни ориентални деликатеси не’ пречекаа во новоотворениот арапски ресторан „Фалафи“ во срцето на градот.
Во малиот ресторан вештите раце на сириските мајстори Амер и Абдалах, секојдневно подготвуваат традицонални специјалитети како мсабаха, шауарма, фалафи и наут.
Самото име на ресторанот отворен пред нешто повеќе од еден месец, „Фалафи“ значи ќофте од наут, приготвено со магдонос, целер и кромид. Се служи како ќофте или како сендвич со разни сосови и мешавина од салати и свеж зеленчук. Готвачите, кои се од сириската престолнина од Дамаск, комуницираат со помош на преведувач, и велат дека секој мора да ги проба овие ориентални ќофтиња кои се нивен специјалитет.
Вработените, кои знаат и македонски и арапски, ни помогнаа да ја дознааеме приказната зад ресторанот „Фалафи“. Тие ни објаснија дека газдите се исто така Сиријци, кои бегајќи од војната, како и многу други бизнисмени, решиле да го преселат својот ресторан. Прво биле во Египет, па оттаму во Скопје. Дознавме дека „Фалафи“ е ресторан за брза храна и дека наскоро ќе отворат интернационален ресторан во центарот на Скопје каде ќе се служат голем број на традиционални специјалитети, солени и слатки. Газдите беа срамежливи и не сакаа да застант пред нашата камера, но затоа готвачите великодушно ги покажаа своите кулинарски способности. Велат дека се задоволни од Македонија и од овдешната бизнис клима, а пред се’ задоволни се што народот ја прифатил нивната кујна и што засега добиваат само искрени пофалби.
Готвачите кои веќе четири месеци во Скопје, а неодамна им се придружија и семејствата велат дека во Македонија најмногу им допаѓа народот, нивната гостопримливост, љубезноста и тоа што постојано се смеат.
Насмеано велат дека дошле тука за да им покажат на Македонците што е ориентална кујна, колку таа вкусна и егзотична. Арапската кујна е комбинација од Медитеранската, Индиската и храната од арапската кујна, а се користат пилешко, јагнешко и телешко месо, ароматични зачини и разновиден свеж зеленчук. Во „Фалафи“ можат да се вкусат одлични арапски деликатеси, со месо и вегетаријански, дополнети со неверојатни сосови и свежи салати. За нивната кујна велат дека е здрава и богата со витамини.
Околу зачините,дел како ѓумбир, цимет, бел бибер, сув целер ги наоѓаат на македонските пазари, но дел ги носат директно од родниот крај.
А додека се тука ја имаат пробано и нашата традиционална кујна, а и како и сите, и нив ги освоил вкусот на ајварот и гравчето.
Навистина ни е жал што не можевме да ви ги пренесеме сите мириси на арапската кујна но затоа посетете го овој ресторан и вкусето нешто ново, нешто одлично, нешто ориентално.