(ВИДЕО) Француски голман ново засилување на РК Вардар

Во следната сезона друштво на Борко Ристовски и Марко Кизиќ на голот на Вардар, ќе им прави францускиот чувар на мрежата Робен Кантегрел, кој доаѓа од тимот на Сесон Рен.

Станува збор за 25-годишен голман, кој потекнува од тимот на Нант и таму настапуваше до 2017 година, но немаше забележителна улога. Четири сезони со Нант беше дел од ЕХФ Купот, а една и во Лигата на шампионите.

Потоа направи трансфер во Понто Комбо и го покажа сиот свој потенцијал. Во сезоната 2018/2019 беше на третото место на листата најдобри голмани во француската лига и забележа 111 одбрани со 32 отсто на успешност, а зад себе остави имиња како Тјери Омејер, Мате Шуњиќ, Михаи Попеску, Весли Пардин, Сирил Димулан… Оваа сезона Кантегрел во дресот на Сесон Рен имаше 142 одбрани на 18 натпревари, односно 7,89 во просек.

Беше на поширокиот список на тогашниот селектор Дидие Динар за ЕП 2018 и СП 2019, а доби шанса и во квалификациите за ЕП 2020 против Португалија.

Ланската сезона беше јасно дека Понто Комбо ќе се пресели во Втората лига, па Кантегрел се реши да потпише договор до 2021 година со Сесон Рен. Но овој тим исто така со многу лоши резултати во финишот на сезоната се пресели во Втора лига, па голманот бараше начин да го раскине договорот и да игра во повисок ранг.

Пред десетина дена Словенецот Рок Запоншек потпиша за Сесон, па Кантегрел беше решен да го раскине договорот и да си замине, а европскиот шампион Вардар сигурно добива млад голман со одлични препораки.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.