(ВИДЕО) Голем пожар во складиште крај Лион

Силен пожар избувна во вторникот утрото во магацин во градот Вијернан, во близина на Лион во југоисточна Франција, објави радио-станицата RTL.

Пожарот бил забележан околу 7 часот утрото по локално време, во зграда на компанија која се занимава со проекти од областа на роботиката и виртуелната реалност. Зградата, како што се наведува во веста, се наоаѓа во индустриската зона на градот.

Според објавата на градските власти на Twitter, „повеќе од 90 пожарникари се ангажирани во гаснењето на пожарот, вклучени се 35 единици опрема“. „На местото на настанот се наоѓаат и припадници на локалната полиција. Нема информации за жртви“, се наведува во објавата.

Меѓутоа, многу корисници на социјалните мрежи почнаа да објавуваат фотографии од голем црн облак кој се надвива над градот.

За десетина дена ова е втор голем пожар во објект на фирма во Франција. Ноќта на 26-ти септември избувна силен пожар во хемиската фабрика „Lubrizol“, во градот Руан. Според тогашните податоци, во инцидентот немало настрадани, но сѐ уште нема конечни податоци за нивото на загадувањето на животната средина.