Грчката полиција откри и заплени над сто килограми кокаин

Откриени и запленети над 104 килограми кокаин и над 828.000 евра и уапсени се тројца странски државјани е билансот од акцијата на грчката полиција за разбивање на меѓународна криминална мрежа за трговија со дрога, јави дописничката на МИА од Атина.

Дрогата била пронајдена во стан во атинска населба, спакувана во 102 посебни пакувања, а според објавените фотографии и видео од полицијата кокаинот бил пронајден скриен во рерна, во сад со песок и во фиоки.

Според процената на грчката полиција, вредноста на запленетата дрога изнесува над пет милиони евра.

Од грчката полиција соопштија и дека мрежата била разбиена од Дирекцијата за борба со дрога во соработка со Канцеларијата на управата за борба со дрога во Американската амбасада во Атина.
Според грчките медиуми, меѓу уапсените двајца се албански и еден хрватски државјанин.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.