ВИДЕО I Благодатниот оган од Ерусалим пристигна во Македонија

На Меѓународниот аеродром Скопје вечерва беше пречекана државната и црковната делегација која за првпат директно од Ерусалим го донесе Благодатниот оган.

На церемонијата во базиликата на Светиот Гроб во стариот град на Ерусалим присуствуваа голем број делегации од држави од светот, меѓу коишто, рамноправно беше и македонската државна и црковна делегација во чиј состав беа министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, Даријан Сотировски, како и повеќемина свештени лица предводени од шефот на делегацијата на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија, Митрополит Тетовски-гостиварски, г. Јосиф Тодоровски.

Церемонијата на преземање на Благодатниот оган е посветена на празнувањето на Светата светлина, што се смета за величествен момент што ги поврзува верниците ширум светот со светлината на Исус Христос, а се случува во Ерусалим речиси 2.000 години, на којшто присуствуваат христијани од целиот свет.

Благодатниот оган на скопскиот аеродром го пречека премиерот Димитар Ковачевски и црковна делегација на МПЦ-ОА.

Оганот ќе биде раширен низ православните храмови во државата каде вечерва ќе се одржат литургии по што на полноќ со биење на камбаните ќе биде објавено Воскресението Христово. Поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан традиционално ќе богослужи во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје.