(ВИДЕО и ФОТО) Индиски стоматолози од уста на седумгодишник извадија 526 заби

126

Индиски стоматолози во јули годинава од усната шуплина на седумгодишно момченце со оперативен зафат извадиле дури 526 заби, пренесува во саботата Business Insider.

Седумгодишниот П. Равиндранат родителите на 11-ти јули го донеле на преглед на Стоматолошкиот факултет Савеета поради отекувања и болки во пределот на десната долна вилица.

Рендгенската снимка и ЦТ наодите во устата на момченцето откриле „израсток сличен на вреќичка“ со повеќе од 500 заби, рекла П. Сентилнатан, преофесорка по орална и максиофацијална хирургија на Стоматолошкиот факултет и болницата Савеета во градот Ченаи.

„Никогаш досега во праксата не сме се сретнале со ваков случај, иако состојбата е опишана во медицинската литература“, рекла Пратибја Рамани, професорка и шефица на Одделот за орална и максиофацијална патологија.

Лекарките појасниле дека израстокот кој наликувал на тумор го спречил растот на трајните моларни заби во усната шуплина на седумгодишникот.

„Рендгенската снимка и ЦТ наодот покажале повеќе рудементирани заби во ткивото слично на вреќичка“, рекла Сентилнатан за весникот New India Express.

Таа и колегите биле согласни дека е потребно што е поскоро можно да се изведе оперативен зафат. Родителите веднаш се согласиле со предлогот, но им биле потребни „неколку часа“ да ги намолат синот да се согласи.

Др Сентилнатан рекла дека олеснителна околност е тоа што состојбата била откриена во раната фаза.

Во текот на петчасовната операција стоматолозите од устата на седумгодишното дете извадиле точно 526 заби, а снимките покажале дека тие се со различна големина, од 0,1 до 15 милиметри.

„Изгледаа како бисери извадени од школка. Дури и најмалиот заб имаше корона, корен и глеѓ“, рекла др Рамани.

Иако лекарите не знаат што е точната причина за ваквата состојба, претпоставуваат дека една од причините за развојот на „вишокот заби“ може да биде генетиката. Но сметаат дека и околината би можела да игра значителна улога за ова. Др Рамани вели дека во соработка со колегите започнала истражување за да утврдат дали еден од „виновниците“ за ваквата состојба е зрачењето од сигналите станици за мобилната телефонија.

Појаснила дека единствената долгорочна нуспојава за момчето би можело да биде вградувањето на дентални импланти во моларната област од устата кога ќе наполни 16 години.

Сличен случај е забележан во 2014 година, кога стоматолозите од усната шуплина на еден 17-годишник во индиската метропола Мумбаи остраниле 232 заби.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.