ВИДЕО и ФОТО| Северна Кореја тестирала нов подводен дрон со нуклеарно оружје

Северна Кореја тестирала нов подводен јуришен дрон кој може да носи нуклеарно оружје, објавија во петок тамошните државни медиуми, а водачот Кин Џонг-ун предупреди дека постојаните заеднички американско-јужнокорејски воени вежби мора да престанат.

Во текот на тестирањето, новиот севернокорејски подводен дрон крстосувал под водата на длабочина од 80 до 150 метри повеќе од 59 часови и симулирал детонирање нуклеарен товар во водите близу севернокорејскиот источен брег во четвртокот, објави севернокорејската службена новинска агенција KCNA.

Аналитичарите велат дека Северна Кореја покажува сѐ поголема разновидност на нејзините нуклеарни закани кон САД и Јужна Кореја, иако се скептични дали ова подводно далечински наведувано возило на навистина подготвено за користење.

„Северна Кореја има намера да им сигнализира на САД и Јужна Кореја дека во војна Пјонгјанг на располагање би имал голем број потенцијални средства за детонирање нуклеарно оружје за коишто сојузниците би морале да бидат загрижени“, вели Анкит Панда, виш соработник во американската Фондација за меѓународен мир Карнеги.

„Тоа би биле подземни силоси, вагони, подморници и копнени мобилни лансери на проектили. А сега и подводно торпедо“, вели Панда за Reuters.

На пример, во понеделникот Северна Кореја лансираше проектил со кус дострел од подземен силос, што претставува отстапување од вообичаените методи.

Наречен „Haeil’ (Цунами), новиот систем на подводни беспилотни пловила наменет е за ненадејни напади во непријателски води и уништување морнарички ударни групи и главни оперативни пристаништа со создавање голем радиоактивен бран со подводна експлозија, наведува агенцијата KCNA во описот кој наликува на руското подводно торпедо „Посејдон“.

„Овој нуклеарен подводен јуришен дрон може да биде распореден на кој и да е брег или во пристаниште или може да го испорача брод“, се додава во извештајот на KCNA во кој се додава и дека Ким лично го надгледувал неговото тестирање.

Јужнокорејски воен функционер изјавил зa тамошната новинска агенција Yonhap дека ги анализираат овие тврдења од Северна Кореја. Американски функционер, кој сакал да остане неименуван, за Reuters, пак, рекол дека нема знаци за нуклеарен тест. Според него, нејасно е дали Северна Кореја целосно развила минијатурни нуклеарни боеви глави потребни за ваквото помало оружје.

Воените аналитичари велат дека усовршувањето на такви намалени боеви глави веројатно би била клучната цел, доколку Северна Кореја продолжи со нуклеарните тестирања.

 

Огромни торпеда

На анализираните фотографии објавени во севернокорејските медиуми, Ким Џонг-ун стои покрај голем објект во форма на торпедо, но објектот американските воени стручњаци не го идентификуваат како новиот дрон. На други разгледувани фотографиите забележливи биле траги од подводна траекторија на објект и експлозија видлива на површината на морето.

Аналитичарот Панда вели дека оперативниот концепт на оружјето е сличен на руските нуклеарни торпеда од класата „Посејдон“, новата категорија оружје за возвраќање на удар наменето за создавање разорни радиоактивни експлозии во крајбрежните области. Станува збор, инаку, за најгусто населените област.

Во петокот јужнокорејскиот претседател Јун Сук-јеол изјави дека „ќе се погрижи“ Северна Кореја „да плати за своите безобѕирни провокации“, во текот на говорот на комеморацијата посветена на војниците загинати во судирите со севернокорејските сили во западните води, вклучително и потопувањето на борбениот брод во 2010 година. Сеул тогаш тврдеше дека нејзиното воено пловило било погодено од севернокорејско торпедо.

Претходно во средата Северна Кореја објави дека истрелала крстосувачки ракети во увежбувањето изведување тактички нуклеарни напад, што беше потврда на претходни јужнокорејски извештаи.

Најновите зачестени севернокорејски тестирања на разни видови проектили и оружја се спроведуваат во периодот додека американските и јужнокорејските војски од понеделникот ги започнаа своите најголеми вежби последните години, коишто вклучуваат амфибиски десант во што учествуваше и американски десантен брод.

Севернокорејските лансирања претставуваат потврда на заканите од Пјонгјанг за одговор на заедничките масивни воени вежби на САД и Јужна Кореја „Freedom Shield“, коишто редовно севернокорејската страна ги гледа како подготовка за инвазија против земјата. Северна Кореја обвини дека најновата заедничка воена вежба на САД и Јужна Кореја ги зголемува тензиите на полуостровот.

Пјонгјанг порача дека поради американско-јужнокорејските маневри земјата мора „да се снабди за сеопфатна војна и да ги засили своите нуклеарни сили и во квалитет и во квантитет на приоритетна основа“.

Севернокорејскиот водач Ким Џонг-ун ја изрази „својата волја американските империјалисти и јужнокорејскиот марионетски режим да ги фрли во очајување поради нивниот избор“, објави KCNA додавајќи дека Ким ги „предупредил непријателите де би требало да непромислените воени вежби“ против Северна Кореја.