(ВИДЕО и ФОТО) Шест жртви во пожар во Белград

Во пожарот кој во саботата рано уторото избувнал во повеќекатница во Нов Белград смртно настрадаа шест лица, а уште шест други се повредени, соопшти српското министерство за внатрешни работи.

Пожарот избувнал на осмиот кат од облакодер на новобелградскиот булевар „Милутин Миланковиќ“, но огнот зафатил уште два ката, седмиот и деветтиот.

Пожарникарите во еден стан нашле три лица кои не давале знаци на живот, во друг стан уште едно, а во трет шуте две мртви лица, пренесуваат во саботата белградските електронски медиуми.

Повредените во пожарот се пренесени во белградскиот Ургентен центар и на Военомедицинската академија (ВМА). Повозрасна жена е донесена во болница со изгореници од втор степен, а неколку станари се затруле со чад, но не се животно загрозени.

Само благодарејќи на брзата интервенција на пожарникарите, спречено е огнот да се прошири и на другите делови од зградата, истакнуваат медиумите. Во Србија инаку, поради пандемијата од короанвирусот на сила е полициски час од 20 часот вечерта до пет наутро.

Во интервенцијата учествувале 30 пожарникари од Секторот за вонредни ситуации на МВР на Србија, со 11 возила. Причината за пожарот засега не е позната.