Тетовскиот регион попладнево го зафати силно невреме проследено со обилни врнежи од дожд, со грмотевици и засилен ветер.
Во моментов голем број на сообраќајници се под вода, јавува дописникот на ТВ21 од Тетово.
Сообраќајот е целосно блокиран како во градот, така и на автопатот Тетово-Скопје каде има се уште врнежи од дожд и град.
Попладнево, Тетово беше погодено од невреме со силен дожд и град. Поплавени се повеќе подрумски простории каде интервенираат пожарникарите.
– Командирот на ТППЕ Тетово бара да биде исклучена струјата во цело Тетово бидејки според него ризикот од струен удар по граѓаните и пожарникарите е многу висок поради тоа што се поплавени подрумските простории на повеќе куќи и објекти , соопшти ЦУК.
Дел од медиумите пренесуваат дека ЕВН прифатило да ја исклучува струјата улица по улица. Повеќе од 100 подруми и куќи се под вода, а сите екипи на тетовската противпожарна единица се на терен. Извлекувале луѓе и поплавени возила.
Тетовската ТППЕ апелира сите кои планираат да се упатат кон Тетово да го одложат своето патување поради големите поплави на приодите и влезот кон градот.
Директорот на ЦУК Стојанче Ангелов вели дека невремето траело 40 минути а огромните количества вода поплавиле дворови, подруми, објекти. Направени се штети на земјоделските и градинарските култури. Оштетени се кровови, натстрешници, возила и канделабри.
На 112 има повеќе од 200 пријави на штети.