ВИДЕО I Индијана и Њу Орлеанс први полуфиналисти во НБА купот

Со два четвртфинални меча, ноќеска стартуваше нокаут фазата од новоформираното натпреварување – НБА купот.

Пласман на завршниот турнир во Лас Вегас обезбедија Индијана Пејсерс и Њу Орлеанс Пеликанс кои на хартија беа аутсајдери, но успеаја да влезат во топ-4. Своите противници во полуфиналето, овие две екипи ќе ги добијат утре изутрина кога се играат останатите два четвртфинални меча.

Индијана Пејсерс го победи најдобриот тим во Источната конференција и втор најдобар во лигата, Бостон Селтикс совладувајќи го на домашен терен со 122-112. Натпреварот беше исклучително неизвесен и драматичен за што најдобро зборува тоа што имаше 16 промени на водството, 14 пати беше нерешено, а со исклучок на конечниот резултат, само еднаш, некоја од екипите имашпе двоцифрено водство.

Тајрис Халибартон ја предводеше Индијана со трипл дабл од 26 поени, 13 асистенции ни 10 скока, а на Бостон не му беа доволни одличните Тејтум и Браун кои постигнаа 32, односно 30 поени.

Изненади и Њу Орлеанс кој како гостин го совлада Сакраменто Кингс со 127-117. Домаќините беа подобри во првата четвртина во која водеа соо 32-17, но потоа Пеликанс направи серија 28-5 за пресврт и предност која не ја испуштија до крајот. Брендон Инграм постигна 30 поени за Њу Орлеанс, исто како Диерон Фокс кај Сакраменто, а Домантас Сабонис оствари трипл дабл со 26 поени, 13 скока и 10 асистенции.

Во полуфиналето, Индијана ќе игра со подобриот од мечот меѓу Милвоки и Њујорк, а Њу Орлеанс го чека победникот од дуелот на Лос Анџелес Лејкерс и Феникс.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.