ВИДЕО I Јокиќ направи нешто што никому не му успеало 40 години во НБА, иако Деневер загуби

Никол Јокиќ продолжува да прикажува фантастични партии, дојде до осмиот трипл-дабл сезонава, но неговиот Денвер нагетс не успеа да слави.

Денвер загуби од Сакраменто со 123:117 и покрај одличната партија на Јокиќ кој мечот го заврши си 36 поени, 13 скока и 14 асистенции. Јокиќ на втор меч по ред оствари трипл-дабл во кој дава најмалку 30 поени и притоа нема ниту една загубена топка, што не му пошло на никого од рака во последните 40 години.

Неверојатна партија одигра и Лука Дончиќ, но неговиот Далас маверикс го запиша осмиот пораз сезонава. Дончиќ во првиот меч откако стана татко имаше трипл-дабл од 36 поени, 18 асистенции и 15 скока, но и неговата одлична партија не му помогна на Далас да го избегне поразот од Оклахома сити тандерс од 126:120.

Далас во последната четвртина направи неверојатна серија од 30:0, но на крајот и тоа не се покажа доволно за триумф.

Џејлен Вилијамс со 23 поени и Шеј Гилџес-Александер со 17 поени беа најдобри кај Оклахома сити.

Тандемот Адетокумбо – Лилард се покажа подобар од дуото на Атланта, Јанг – Мареј и Милвоки славеше со 132:121. Адетокумбо и Лилард заедно постигнаа 57 поени, додека Јанг и Мареј дадоа 62 поени, но пресуди поголемиот број на расположени играчи на Милвоки, каде уште петмина постигнаа двоцифрен број на поени.

Со враќањето на Девин Букер на терените, се вратија и победите за Феникс. Сонцата со 116:109 го совладаа Мемфис, а најдобар беше токму Букер со 34 поени и 10 скока.

ЛА Лејкерс бележи интересни резултати, по пораз, на следниот меч победува. Утринава Лејкерси го совладаа Хјустон рокетс со 107:97 благодарение на 27-те поени и 14 скока на Ентони Дејвис.

Резултати: Бруклин – Орландо 129:101, Детроит – Кливленд 101:110, Чикаго – Њу Орлеанс 124:118, Мајами – Индијана 129:144, Милвоки – Атланта 132:121, Далас – Оклахома сити 120:126, Феникс – Мемфис 116:109, Јута – Портланд 118:113, Сакраменто – Денвер 123:117, ЛА Лејкерс – Хјустон 107:97.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.